četvrtak, 14. srpnja 2011.

ледена кралица

Твоите обожавани жени
се покосена армија
крадци на морал
кршачи на правила
што се китат со вештачки солзи
а кога не би постоеле богови и гревови
со палецот и показалецот
би ги здробила твоите сакани жени
за да останам јас и само јас,
трипати јас-ледена кралица.

големо сонце

Јас сум големо сонце
еден ден ќе мораш да ми признаеш
ќе ги фрлам зраците
на сите острови,континенти,
на зимзелените борови иглички
ќе поставам златни завеси наместо граници
јас сум самоуко и посебно сонце
еден ден ќе те натерам
да ја признаеш мојата независност и убавина.

srijeda, 13. srpnja 2011.

внатрешен учител

Мојот внатрешен учител
почна да ме разочарува
се стопив со мнозинството
почнав да се тешам со идејата
дека утре ќе биде подобро
и така плановите станаа дропки
бидејќи половина живот помина
му се лутам
на својот внатрешен учител
му велам
“прати ме во рајот,
дај ми лист и пенкало
и ќе видиш што можам да направам“.

nedjelja, 10. srpnja 2011.

гулабите на непријателите

Како да се спасам
од гулабите што тропаат на прозорец
со намера да влезат и ја изедат душата
што го брани телото
каде да се скријам од злобните гулаби
што ги праќаат непријателите
ќе пливам во филџан со кафе
талог сум
никој не ме ни погледнува.

овие очи

Овие инфериорни очи се промениле
попат си купиле една или две брчки
како знак за распознавање
ти ги давам во залог
за да ме вратиш назад
да ја земам во свои раце младоста
како што мајките ги земаат децата
овие скромни очи ти ги давам тебе
но дали ќе ги препознаеш во дел од секунда?

subota, 9. srpnja 2011.

некој ќе ги најде

Ме однесе реката
ми се откачија пар црни сандали
и тапија на која пишува
дека мене ми припаѓаш
еден ден некој ќе ги најде
тогаш кога нас ќе не нема.

petak, 8. srpnja 2011.

моето ништо

Не сум сама
во дворот засадив дрво
и цвеќе од кое ќе порасне надеж
и коцката што ја гледаш на столот
тоа е моето знаење
недоволно за надмудрување
ја имам и среќната ѕвезда
еднаква на ништо
а во срцето бедем
на бедемот човек
па тоа си ти
моето ништо
што толку многу ми значи.

srijeda, 6. srpnja 2011.

дојде вистината

Дојде вистината
се растопи како бонбона
падната во врело млеко
го почувствував само мирисот на нането
излегоа желбите што со години ги чував
во кутијата за накит добиена на подарок
и откако дојде вистината
жените не носеа прстени
јас двапати не одев на исто место
само направив погрешен потег
и во себе видов планина од песок.