srijeda, 14. siječnja 2015.

жалните врби плачат за мене

Фрлам пепел во реката
Тишината ме озборува
Пријателите ми го кријат сонцето
Одам пеш барајќи
Еден непостоечки рај
Се лутам
Што последната прегратка
Беше големо збогум,
А на кејот
Жалните врби плачат за мене.

subota, 27. prosinca 2014.

забрането овошје

Вчера те сретнав во сон, 
и се ми раскажа,
дека сум твое зимско цвеќе,
што расте на асфалтот,
ако ме сакаш,
ќе се лутат твоите, 
ако те сакам, 
ќе ме избришат моите, 
останува само да те гледам,
преку решетките  
на мојот еднонасочен ѕид,
ти, ти си прекрасен, 
но си мое забрането овошје.

nedjelja, 7. prosinca 2014.

сама

Направив нешто себично, 
те затворив во кутија,
да бидеш само мој,
еден ден и лисјата, 
што ги газам во паркот, 
ќе кренат востание,
ти ќе ја искршиш кутијата, 
и ќе ми побегнеш,
ќе останам опкружена со море од пријатели,
а сепак сама. 

subota, 6. prosinca 2014.

овој град

Заљуби се во овој град 
што не може да се изоди пеш.
Овој туѓ град 
што ќе биде наш.
Кога ќе остареме, ќе се сретнеме
ќе се сетиме,
дека бевме млади,
ама не бевме мудри. 
Пронајди се себе и мене, 
во овој простран град, 
кога врне се кријам
под неговите чадори. 

četvrtak, 4. prosinca 2014.

добри и лоши мисли

Ќе направам мрежи од моите мисли,
ќе ги фрлам на сите континенти,
ќе ги преведам на сите јазици,
ќе ги полевам како цвеќе во градина,
со нив ќе допрам до тебе,
со нив ќе влезам длабоко во себе,
да се запознаам вистински,
за сите лоши мисли прости ми,
за сите добри мисли благослови ме.

utorak, 2. prosinca 2014.

љубов заспана

Ти си мое ремек дело,
мој жежок костен во дланките,
мој проблем и моја страст, 
причина за постоење 
на секој мој убав збор,
ти си во моето срце,
во мојата жолта куќа
што се вика дом,
ти си моја раскошна младост,
моја љубов заспана.

petak, 7. studenoga 2014.

нашата куќа

Поминав покрај нашата куќа, 
за двесте луѓе. 
Знаев дека е празна и пуста. 
Патот што со врзани очи 
можев да го поминам, 
сега е обраснат со трева.
Бев до нашата голема куќа, 
што со труд и љубов ја градевме, 
сега сум сигурна, 
никој од нас нема да се врати таму. 

ponedjeljak, 3. studenoga 2014.

ќе чекам

Во кофите носам тишина
ја оставам во собите.
Ќе чекам,
додека не падне 
и последната куќа во селото.
Последниот камен ќе го земам 
за инспирација. 
Ќе чекам, додека не се подмладам,
додека не бидам дете,
додека не ги најдам пријателите.