četvrtak, 18. lipnja 2015.

срамежливото светло

Срамежливо е светлото во мојата соба
не ми дава да читам и пишувам
да вдишувам атоми од среќа
да ги сакам луѓето
како што заслужуваат
да признам дека некој ми недостига
срамежливо е светлото во оваа соба, 
светло малечко
во пеперутка ме претвори.

љубов во форма на љубов

Нема ривалство
има само љубови,
отворени како карти
оставени на послужавник 
за да ги освојат 
нашите и нивните празни срца.
Нема ривалство
има само слатки отрови,
подготвени од некого и некаде
по таен рецепт.
Има само бесконечност
простор и време,
а во него 
љубов во форма на љубов.

utorak, 16. lipnja 2015.

во реалноста

Кога ќе ми здодее совршенството од приказните
се враќам во реалноста
на непријателот му давам леб
ми враќа со камен
ми ја пали куќата
ми ја разгорува несреќата
во реалноста
ме будат камбаните од црквите
во највисокиот град на Балканот
тука се раѓам повторно
во срцето на мојата кукавички поразена земја. 

srijeda, 3. lipnja 2015.

лоша комбинација

Ти ги крадам мислите
со брзина на светлина.
Влегувам на прсти во твојот сон
за да те разбудам.
Ти кажувам дека во сите возови
има патници во секое време.
Те лажам дека ќе бидам твоја
еден ден во оваа тажна земја.
Ние сме две добра
од една лоша комбинација. 

srijeda, 27. svibnja 2015.

нов почеток

Го крстив денот 
ќе се вика нов почеток
ќе речам се што е недоречено
ќе направам се што не било сторено 
душата ќе ја поделам со прегради 
ќе се збогувам со луѓето што носат маски 
завршува денот 
што го крстив по сопствено убедување
како парче леб ќе го ставам во торбата 
ќе го носам со мене
оти е нов почеток
почеток за сите нас. 

srijeda, 20. svibnja 2015.

бел лист хартија

Истурам кафе 
на хартија што дише
бел лист како разбој
на него ткаам судбини
бел лист како пајажина
од стихови во совршенство наредени
бел лист како бело знаме
со белина на снег украсено 
истурам гнев на хартија што дише
еден сосема обичен бел лист хартија. 


subota, 16. svibnja 2015.

ме скршивте

Влеговте во мојата темна страна 
без причина ме скршивте
фрливте сите по едно копје 
врз мојата кадифена душа
тажното небо ми го скроивте 
ми го ставивте над глава
ми ги земавте воздухот и водата
ми го заспавте срцето
да не чувствувам болка
на ситни парчиња
безмилосно ме скршивте, 
а јас ќе замижам 
и ќе простам како секогаш.


četvrtak, 7. svibnja 2015.

ми се скрши часовникот

Ми се скрши часовникот
останав млада
и заробена во времето
почнав внатрешно
да венам и умирам
ми ставаа камења во лебот
за да не поминам лесно
во овој тежок живот
ми се скрши часовникот
уште собирам парчиња
под нозете на другите
за да го составам
 и продолжам понатаму.