subota, 30. rujna 2017.

отвори ја книгата

Отвори ја книгата 
внатре сум
го враќам назад времето
овде денот нема сестри близначки
и летам без страв за среќно живеење
ставам суво цвеќе и златна прашина
меѓу стиховите што ги сакаш
затвори ја книгата 
меѓу корици излегувам надвор 
со душа облечена во боите на пролетта.  

petak, 29. rujna 2017.

ослободена од кафез

Кога ме ослободија од кафез
ја пуштив месечината во бунар
и со две капки вода
ја изгасив својата жед. 
Заспав под отворено небо
сончогледите го ѕиркаа моето уморно лице
ангелите ги пееја моите песни
луѓето го спомнуваа моето име.
А јас
јас бев птица ослободена од кафез
со желба за живот во височини.

srijeda, 27. rujna 2017.

научи ме

Научи ме 
да ставам живот во поезија
да градам мостови каде што треба
да ги ловам пеперутките 
што ќе ми го покажат патот до виножитото
Научи ме 
да ги сакам луѓето
што се огледуваат во моите очи
и молат за минута внимание
натерај ме 
да живеам по твојата дефиниција за среќа.

ponedjeljak, 25. rujna 2017.

еден ден ќе ме заборавиш

Еден ден годините ќе бидат само бројки
и ќе се раководиме по мојот часовник. 
Сите зборови од мојата поезија
ќе ја пронајдат својата сродна душа. 
Грижата ќе роди грижи
и ќе се борат заедно
за да го уништат моето несовршенство. 

И ти мене ќе ме заборавиш брзо
час поскоро
ден порано
а јас ќе те паметам со години
до мојата повторна средба со смртта.

ќе ни судат

Сврти страница
до вистина напиши чесност
избриши лоши сеќавања. 

Не ми треба љубов без искреност
ниту небо без ѕвезди. 

Чудни се луѓето
ќе ни судат
ако не им судиме. 

nedjelja, 24. rujna 2017.

остров без брег

Јас сум остров без брег
тука истокот и западот 
се сончаат на иста страна. 

Во мојот двор 
пролетта доаѓа со мирис на јоргован. 

Децата во маалото ја сецкаат планината
и од неа прават змејови. 

Јас сум осамен остров без брег
за добра песна
ми треба само време и мирен сон. 

petak, 22. rujna 2017.

лажен сјај

Ќе го премолчам вашиот лажен сјај. 

Седите на мое место
светите со моја светлина, 
а сепак не сте ѕвезди. 

човек, ѕвоно, сенка

Таму каде одам 
сосема малку зборувам 
зад мене делата ѕвонат како камбани. 

Следен пат кога ќе ме кршиш 
нека биде тоа на ситни парчиња
да не ме составуваат туѓи раце,
да не бидам човек, 
да не бидам ѕвоно, 
да бидам само сенка 
гласник од зборови. 

Минливи и менливи сме ние луѓето 
нас и едно цвеќе на гробот 
ќе нe замени после невреме.