nedjelja, 19. kolovoza 2012.

на друго место

Тука е мојот ѓердан со денови 
мојот свет со мирис на кафе
овде се добрите луѓе што ги сакам 
и злонамерните што ги лажам до бескрај
тука душата ужива
ама животот е на друго место.  

ponedjeljak, 13. kolovoza 2012.

пронајди се во поезија

Кога ќе се разбудиш од убави соништа,
пронајди се во мојата себична поезија, 
со поглед стрелам во твојата гордост, 
а добро е само она што е вистинско,
се друго е карикатиура во песок, 
и затоа бранови ти носам, 
меѓу две скромни воздишки,
пронајди се во мојата самобендисана поезија.

srijeda, 8. kolovoza 2012.

не заслужуваш

Нема да извлечеш ни збор од мене 
не заслужуваш ни вистина ни лага 

бавно те набљудував
излегов од лимена кутија
си ја отклучив среќата 
сама го постигнав најтешкото

не заслужуваш ни лажна љубов 
и затоа никаде те нема.

petak, 3. kolovoza 2012.

изгрејсонце

Чекам изгрејсонце
со темјан и солзи во очите 
да го истерам злото 
од оваа шарена приказна 
мене во илјада ме нема 
во десет илјади не ме наоѓаш 
јас чекам изгрејсонце.

utorak, 24. srpnja 2012.

што можам да ти ветам?

Ми ја украде последната коцка шеќер
и сега не можам целиот живот 
да го спакувам во еден куфер 
да заминам таму каде не ме познаваат 
не сум јас човек што остава и бега 
имам дебела книга со сеќавања,
а сега кажи ми што можам да ти ветам?

četvrtak, 19. srpnja 2012.

мораш да ме прифатиш

Ѕидовите не кажуваат каде грешам 
овие ориентални очи 
те гледаат и кога не си присутен
на бирото имам  пустински цвет 
се нафатив да го полевам додека сум жива
мораш да ме прифатиш
климата на мојата земја 
е навлезена во мојата душа
носталгијата со ѕвона се огласува
мораш да ме прифатиш 
со сите мани и чудесии
мораш да ме засакаш 
со сите топли и ладни бои 
споени во витражот на моето живеење.

subota, 14. srpnja 2012.

мал човек

Те следам 
ти го читам лицето 
ти ја отварам душата
ти си мал човек 
мал извор на среќа 
во рајот го бараш ѓаволот 
и пеколот го замислуваш како идила
денешниот ден со лаги купи го,
а утре пак биди си мал човек. 



petak, 13. srpnja 2012.

што правиш ?

Што правиш во мојот живот 
кога војна ти објавив пред векови
се ослободив од сите стравови 
научив како да избегам од затворен круг
само со душата  железни врати да отворам
знам сонцето да го скротам
од оганот килим да исткајам
во монистра да ти го соберам гневот
ама не сакам   
и нема лесно да ме собориш 
ти што носиш црна магија во очите 
што правиш во мојата сегашност 
кога војна ти објавив во мислите?