utorak, 23. rujna 2014.

дали имаме сон?

Спијат лалињата во градината 
и пенкалото на масата 
и книгите на полицата 
и црниот капут во орманот
спие градот 
спијат домаќините и неканетите гости, 
паметните и изгубените, 
сите се длабоко потонати
но дали, дали навистина имаме сон?

utorak, 9. rujna 2014.

лажица со среќа

Се скарав со сите 
со самата себе 
со својата добра волја. 
Веќе не градам мостови меѓу луѓето
и онака ќе бидат срушени 
и брзо заборавени. 
Чекор по чекор
метар по метар 
му се ближам на небото, 
а таму ме чека лажица со среќа. 

subota, 6. rujna 2014.

помина многу време

Помина многу време 
без да си посакам нешто големо и недостижно
без да се заљубам тинејџерски
без да проколнам непријател
без да излажам од забава 
без да летам во сон 
помина многу време 
колку ли само се променив...

petak, 5. rujna 2014.

ѓавол

Имам две раце
десната е повредна од левата.
Имам неколку важни патишта во животот
едниот ќе го препливам
другиот ќе го прелетам
третиот дали и пеш ќе го изодам?
Имам темјан во џебот 
и два - три збора 
со нив ќе го избркам ѓаволот
не оној измислен од приказните 
туку оној што луѓето во себе го носат. 

nedjelja, 10. kolovoza 2014.

убави очи

Луѓето ги знаат моите ведри очи, 
а јас ги познавам своите тажни очи 
остави ја злобата, дојди со мене
ќе посадиме малку добрина 
во оваа денешност 
што се купува со пари
луѓето што попат ги среќаваме
се како сончогледи 
тие ги знаат моите, твоите, нашите убави очи.


srijeda, 30. srpnja 2014.

живот во темнина

Ми се случи живот во темнина 
темни очи во темна соба
најпосле темнината ме заведе
го оставив минатото да спие 
во својата скршена колевка
последната голтка кафе 
ја испив со сеќавањето на тебе
ова е живот во темнина 
тука нема место за луѓе родени под среќна ѕвезда.

petak, 30. svibnja 2014.

правам град за тебе

Кога си одам накај дома
попат облаци ме следат.

Далеку од мислите на лошите луѓе
правам град за тебе. 

Ти си сакан човек 
ти си човек со зборови што постојано тежат. 

Далеку од очите на другите 
правам град за тебе
ќе биде раскошен и посебен
штом љубов ставам во темелите негови.  



petak, 9. svibnja 2014.

дај ми крилја

Се ќе направам
само дај ми крилја
да го пресечам небото во лет
да избегам од злото 
да ги поместувам облаците 
каде ќе посакам 
да засадам лаванда во ѕвезденото поле
сребрени или ангелски 
само крилјата дај ми ги,
а потоа се би направила за тебе...