Половина небо држам на рамо
ми тежат
меридијани
а над мене е
ѕвезден коловоз.
Луѓето носат
товар од омраза
кој го нашле
случајно
копајќи по
спомените.
На заминување
на крајот од
патот
ќе оставам
сè што не е мое,
сè што не ми
припаѓа
сè што не
заслужувам.
Откако те
нема се претворив во ништо
слушам тивка
симфонија на љубовта
и заспивам
на ѕвезден коловоз.