četvrtak, 24. studenoga 2011.

се запалив

Ги запалив моите неуспеси
и омиленото цвеќе
и коритата на вообразените реки
и атласот со места
кои нема да ги посетам никогаш
и снегот што им тежи на планините
се запалив
остана само животот од денес за утре.

četvrtak, 17. studenoga 2011.

ти оставив порака

На масата, на столот и во воздухот
ти оставив дебела порака
со мирис на какао и вкус на кокос
толку јасна, а сепак не разбрана
повеќе за нас, а помалку за другите
со ветување дека утре
ќе се борам повеќе од денеска
ти оставив порака
со траги од скршен лет во височина.

nedjelja, 13. studenoga 2011.

свет како кутија

Кога нарцисите ќе заспијат
невидлива летам во темнина
во средината каде сите се знаеме
во овој свет мал како кутија од кибрит
а моите драги пријатели без компас
се завеани во белото поле
и желбите се многу
а животот краток
но нема да полудам
во овој свет мал како музичка кутија.

nedjelja, 6. studenoga 2011.

накит од ѕвезди

Кога музиката ќе биде здодевна
кога нема да имам сили за волшебно изразување
небото ќе се скрши
месечината ќе остане без дом
а ѕвездите ќе ги дочекам на тераса
о, добри луѓе украсете ме со накит од ѕвезди.

četvrtak, 3. studenoga 2011.

имам па немам

Поседувам енергија за два животи
имам музи за три века
од ништо правам нешто
а мојата уметност е како долина
во која можеш да се изгубиш
барам и добивам
имам па немам
и не се плашам во ист ден
да купам и продадам
се што животот може да понуди.

srijeda, 2. studenoga 2011.

прашај ги другите

Прашај ги другите
нека оценат дали добро си ја чувам
и негувам младоста
дали сеуште ја слушам песната за индиското лето
дали се разликуваме
како егзотичен песок и црвена земја
дали им се допаѓа
звучноста на моето име
прашај ги другите
јас мудро ќе молчам.