utorak, 30. lipnja 2015.

богати аматери

Ние сме аматери
богати во душата,
пред нас луѓето
се отворени весници,
ги читаме меѓу редови,
на денот не му даваме
да оди рано в постела,
ние сме богати аматери
оставаме трајни вредности
за својот народ,
ако не купите од нашата фантазија
ќе си земам за право да полудам.

во стаклената градина

Ме стемни во стаклената градина,
од бракот на розата и зумбулот
се роди кокиче.

Во буре со вино
ме фрлија во просторот 
меѓу сонцето и месечината,
молчејќи ѕвездите им ги ожнеав. 

Жива ме вратија 
во стаклена градина да остарам,
и да не се плашам од лошите луѓе,
затоа што имам едно умирање
и поезија за девет животи. 



ponedjeljak, 29. lipnja 2015.

кралица на емоциите

Во симетријата на фигурите 
во срцето на боите
во телото  на водата
во градот расплакан од дождови
во психата на луѓето
една е љубовта
те тера да мислиш дека си посебен 
и тогаш кога не си
прави да се чувствуваш моќен
и тогаш кога не си 
една е љубовта
кралица на емоциите. 

nedjelja, 28. lipnja 2015.

звукот на моето име

Ги праќаш змиите да ме изедат
додека се вртам по едно неродно дрво.
Ги тераш ветрот и дождот
заедно да ми го превртат чадорот
и животот наопаку.
Ме бришеш од секаде,
а јас се појавувам на сите страни,
за да ти покажам дека нема спас
од звукот на моето име. 

petak, 26. lipnja 2015.

несреќна жено

Несреќна жено
од магла и од хартија
жено со лоши намери
убава само за своето огледало 
немаш време да ме проколнеш
немаш време за бисерни ѓердани 
немаш време да го родиш
својот нероден син,
несреќна жено
ти вели мојот видовид дожд од поезија. 

četvrtak, 25. lipnja 2015.

среќа во кутија од кибрит

Излезе среќата од кутија со кибрит
ја научи азбуката на лажните луѓе
се радуваше како дете
ги разубавуваше убавите жени
запали оган за сите нас
и се врати назад во кутијата со кибрит
во големината на своето
минијатурно гнездо.

сè ќе помине

Сè ќе помине
и популарноста на книгата
што ја читаш
и тајните ќе бидат отворени
кога ќе им помине рокот на употреба
и љубовта и заљубеноста ќе се прегрнат
и духот ќе биде слободен
сè ќе помине
животот ќе си ја истрча
зацртаната патека набрзина
светот ќе се преврти наопаку,
а луѓето ќе останат исти. 

utorak, 23. lipnja 2015.

низ солзи и смеа

Низ солзи и смеа ветувам,
ќе ја извадам зората
од кората на јаболкото
што го гризам,
ќе те вратам назад
ќе ги поправам сите твои брчки
ќе те сакам како порано
ќе ги отфрлам строгоста и совршенството,
репризно ќе се заљубам во тебе,
низ солзи и смеа ветувам
во ветувања закопана останав.

туѓа

Домаќините не ме сакаат
гостите не ме примаат
во моите очи 
се будат илјада разочарани сонца
се оддалечив од саканите
се оттуѓив од своето
и туѓа ќе пребегнам кон туѓото.

ponedjeljak, 22. lipnja 2015.

љубовта ме пронајде

Нешто се случува во моите мисли
луѓето ме заборавија
ме оставија на една височинка
што не личи на ништо
го изговараа моето име 
со вкусови на земја 
нешто се случува со моето битисување
таму каде луѓето ме оставија
љубовта ме пронајде. 

subota, 20. lipnja 2015.

година

Помина уште една година во инерција
со симбиоза од страв и гнев
како векна леб
исечена и набрзина изедена
помина уште една година
во која сретнав луѓе
што себе си не се познаваат
и кога немам причина да славам
затоа што годината си оди
своите очи ги оставам
во уморните полиња
на екранот од компјутерот. 

četvrtak, 18. lipnja 2015.

срамежливото светло

Срамежливо е светлото во мојата соба
не ми дава да читам и пишувам
да вдишувам атоми од среќа
да ги сакам луѓето
како што заслужуваат
да признам дека некој ми недостига
срамежливо е светлото во оваа соба, 
светло малечко
во пеперутка ме претвори.

љубов во форма на љубов

Нема ривалство
има само љубови,
отворени како карти
оставени на послужавник 
за да ги освојат 
нашите и нивните празни срца.
Нема ривалство
има само слатки отрови,
подготвени од некого и некаде
по таен рецепт.
Има само бесконечност
простор и време,
а во него 
љубов во форма на љубов.

utorak, 16. lipnja 2015.

во реалноста

Кога ќе ми здодее совршенството од приказните
се враќам во реалноста
на непријателот му давам леб
ми враќа со камен
ми ја пали куќата
ми ја разгорува несреќата
во реалноста
ме будат камбаните од црквите
во највисокиот град на Балканот
тука се раѓам повторно
во срцето на мојата кукавички поразена земја. 

srijeda, 3. lipnja 2015.

лоша комбинација

Ти ги крадам мислите
со брзина на светлина.
Влегувам на прсти во твојот сон
за да те разбудам.
Ти кажувам дека во сите возови
има патници во секое време.
Те лажам дека ќе бидам твоја
еден ден во оваа тажна земја.
Ние сме две добра
од една лоша комбинација.