subota, 29. lipnja 2013.

светлино

Жал ми е што полека те губам 
што секој ден се помалку те имам 
барам начин твоите мрежи
да ги врзам за моето тело 
светлино, 
слетај на мојата дланка
да те вратам назад во моето око 
таму каде што се огледуваат  краците твои.

utorak, 25. lipnja 2013.

да избегам

Отворете ги сите прозорци
ќе уживам во немирниот ветер
ќе дишам со полни гради 
далечината е мост
ме бакнуваш во чело 
на некој посебен начин 
за тивка разделба што се памти
отворете ги сите врати 
сакам да избегам. 

кога бев мала

Кога бев мала 
сакав да застанам до големите 
да ги совладам сите животни замки 

желбите што ги замислив и измислив 
како шарени пеперутки одлетаа на небото
сфатив дека моето знаење 
е само трошка фрлена во тепсијата на месечината 

кога бев мала 
сакав да пораснам
да бидам подобра и помудра од другите

а сега посакувам да сум дете 
и го ценам детството 
како што сиромавиот ги цени парите.


četvrtak, 13. lipnja 2013.

понекогаш недостигаш

Понекогаш недостигаш
и само тогаш посакувам да те вратам 
но ќе биде тоа тажна приказна 
ова е лажно време 
со лажни вредности 
со најмил поглед го пробивам мразот 
зад овие окови 
мора да постои поубав свет
понекогаш малку ми недостигаш
но ќе биде тоа погрешна приказна 
затоа бегам од трошната твоја љубов.

petak, 7. lipnja 2013.

моите наречници

Ги мразиш моите наречници
ме прогонуваш со црни мисли
фрлаш анатеми на мојата душа 
уживаш додека ме сопнуваш по стопати
и  не е важно
доброто останува добро
топли се моите очи 
и рацете и денот и животот
ме води судбината 
писмото на моите наречници.