utorak, 23. rujna 2014.

дали имаме сон?

Спијат лалињата во градината 
и пенкалото на масата 
и книгите на полицата 
и црниот капут во орманот
спие градот 
спијат домаќините и неканетите гости, 
паметните и изгубените, 
сите се длабоко потонати
но дали, дали навистина имаме сон?

utorak, 9. rujna 2014.

лажица со среќа

Се скарав со сите 
со самата себе 
со својата добра волја. 
Веќе не градам мостови меѓу луѓето
и онака ќе бидат срушени 
и брзо заборавени. 
Чекор по чекор
метар по метар 
му се ближам на небото, 
а таму ме чека лажица со среќа. 

subota, 6. rujna 2014.

помина многу време

Помина многу време 
без да си посакам нешто големо и недостижно
без да се заљубам тинејџерски
без да проколнам непријател
без да излажам од забава 
без да летам во сон 
помина многу време 
колку ли само се променив...

petak, 5. rujna 2014.

ѓавол

Имам две раце
десната е повредна од левата.
Имам неколку важни патишта во животот
едниот ќе го препливам
другиот ќе го прелетам
третиот дали и пеш ќе го изодам?
Имам темјан во џебот 
и два - три збора 
со нив ќе го избркам ѓаволот
не оној измислен од приказните 
туку оној што луѓето во себе го носат.