subota, 30. rujna 2017.

отвори ја книгата

Отвори ја книгата 
внатре сум
го враќам назад времето
овде денот нема сестри близначки
и летам без страв за среќно живеење
ставам суво цвеќе и златна прашина
меѓу стиховите што ги сакаш
затвори ја книгата 
меѓу корици излегувам надвор 
со душа облечена во боите на пролетта.  

petak, 29. rujna 2017.

ослободена од кафез

Кога ме ослободија од кафез
ја пуштив месечината во бунар
и со две капки вода
ја изгасив својата жед. 
Заспав под отворено небо
сончогледите го ѕиркаа моето уморно лице
ангелите ги пееја моите песни
луѓето го спомнуваа моето име.
А јас
јас бев птица ослободена од кафез
со желба за живот во височини.

srijeda, 27. rujna 2017.

научи ме

Научи ме 
да ставам живот во поезија
да градам мостови каде што треба
да ги ловам пеперутките 
што ќе ми го покажат патот до виножитото
Научи ме 
да ги сакам луѓето
што се огледуваат во моите очи
и молат за минута внимание
натерај ме 
да живеам по твојата дефиниција за среќа.

ponedjeljak, 25. rujna 2017.

еден ден ќе ме заборавиш

Еден ден годините ќе бидат само бројки
и ќе се раководиме по мојот часовник. 
Сите зборови од мојата поезија
ќе ја пронајдат својата сродна душа. 
Грижата ќе роди грижи
и ќе се борат заедно
за да го уништат моето несовршенство. 

И ти мене ќе ме заборавиш брзо
час поскоро
ден порано
а јас ќе те паметам со години
до мојата повторна средба со смртта.

ќе ни судат

Сврти страница
до вистина напиши чесност
избриши лоши сеќавања. 

Не ми треба љубов без искреност
ниту небо без ѕвезди. 

Чудни се луѓето
ќе ни судат
ако не им судиме. 

nedjelja, 24. rujna 2017.

остров без брег

Јас сум остров без брег
тука истокот и западот 
се сончаат на иста страна. 

Во мојот двор 
пролетта доаѓа со мирис на јоргован. 

Децата во маалото ја сецкаат планината
и од неа прават змејови. 

Јас сум осамен остров без брег
за добра песна
ми треба само време и мирен сон. 

petak, 22. rujna 2017.

лажен сјај

Ќе го премолчам вашиот лажен сјај. 

Седите на мое место
светите со моја светлина, 
а сепак не сте ѕвезди. 

човек, ѕвоно, сенка

Таму каде одам 
сосема малку зборувам 
зад мене делата ѕвонат како камбани. 

Следен пат кога ќе ме кршиш 
нека биде тоа на ситни парчиња
да не ме составуваат туѓи раце,
да не бидам човек, 
да не бидам ѕвоно, 
да бидам само сенка 
гласник од зборови. 

Минливи и менливи сме ние луѓето 
нас и едно цвеќе на гробот 
ќе нe замени после невреме. 

utorak, 19. rujna 2017.

човечки мети

Пукам во човечки мети
што сакаат да ме земат 
во прегратката на злото
за да му служам на ѓаволот.
Пукам во човечки мети
што животот го лепат 
како скршена чаша
за години во реприза.
Со туѓа храброст пукам 
во човечки мети
додека во мене вене 
еден бесмртен космополит. 

заменливи

Мислев ќе те сакам до смртта 
и два-три чекори понатаму, 
а се предадов на краток занес. 

Сега кога ќе ги затворам очите
ја слушам својата мирна совест 
и химната за пораз што ја пејат камењата. 

Дај ми ја храброста 
ќе ти ја дадам вистината 
и на крајот сите ќе бидеме заменливи. 

nedjelja, 17. rujna 2017.

се раѓам еднаш во сто години

Се раѓам еднаш во сто години 
да си го славам името 
да бидам посебна
да се огледуваат планините во моите очи
да спие сонот во сенката на долината
да молчам 
и да редам бисери околу вратот.
Еднаш во сто години се раѓам
и немам живот за грешки 
имам само грешки за поправање
и сеќавања на гранките од летото. 

Се раѓам еднаш во сто години
и живеам вечно со душа оставена меѓу корици. 


subota, 16. rujna 2017.

создавам хоризонти

Создавам хоризонти
таму каде што ги нема 
од песок, пепел и бисери. 
Кога ме бараат
мене ветерот ме собира 
во сенката на каменот. 
Во моите мисли 
само бранувања го кршат мразот
на човековиот отпор кон убавото и вредното.
Создавам хоризонти
таму каде има траги на уметност
под прстите на месечината
по патот на поезијата. 


petak, 15. rujna 2017.

не оставај се себе

После секое разочарување
почнувам нова битка за среќа
додека чуден ветер го населува 
местото во кое живееме. 

Во сон умирам
и се будам затворена во своите мисли 
со скршени стакла во гласот. 

Не е важно ако другите не те сакаат 
ако врз твоите стапки 
фрлаат жар од згаснати ѕвезди 
кога создаваш дела за век и векови. 

Кога другите ќе те напуштат
не оставај се себе. 

četvrtak, 14. rujna 2017.

во мене е вечноста

Во мене е вечноста
што не може да се допре со поглед.

Бегам од моите луѓе 
што веќе не ги поседувам, 
во овој живот под ѕвезди што се ронат, 
во ова поле со неспокој, 
во бескрај со нишан од желби. 
Составувам коцки за минимум среќа,
меѓу прстите ми се раѓаат стихови 
од празни зборови, 
и во сон чекорам тивко, 
а во мене е вечноста 
создадена со раката на уметноста. 







srijeda, 13. rujna 2017.

средба во огледало

Еден ден ќе се сретнеме 
со доза на сомнеж и неверување 
и ќе го премолчиме нашето предавство. 

Ќе го видиш моето уморно лице 
од некој претходен живот 
ќе биде тоа скриен копнеж
средба во огледало. 

utorak, 12. rujna 2017.

човек

Не бирај лажни бисери
не изговарај туѓи зборови
не труди се да ги менуваш нештата
животот си има свои патеки
а јас сум пасивен слушател
на своето срце.

Кога доаѓаш и си одиш
во лулката на денешниот ден
сите се обични луѓе
а ти си човек
остров во бескрајно море
што спие во тишината.