petak, 17. siječnja 2014.

за тебе чувам сафири

Беше сакан, а несуден
сега си само добар пријател
ти што ја будиш пролетта во моите мисли
за тебе чувам сафири
кога другите ќе заминат 
ќе останеш ти и твоите топли зборови
повредни од злато
пред да заспијам 
ти праќам телепатски пораки
ти си сакан и посебен
за тебе, само за тебе чувам сафири.

subota, 11. siječnja 2014.

мојата душа

Храм е мојата душа
соба во која пеат оригами
песок во кој се закопани 
танталови и сизифови маки заедно
вез е мојата душа
со црвени и жолти конци од нашето знаме
со зраци од нашето најтопло сонце
храм е мојата душа за мене и пријателите
коприва за оние што не не сакаат...

ponedjeljak, 6. siječnja 2014.

невидливи завеси

Кога до тебе се доближувам 
невидливи завеси ме влечат назад
ќе поминат овие дебели зими
твоите убави зборови ќе пораснат 
ќе бидат бројни фенери во ноќта
некои луѓе ќе бидат очајно богати
другите мудро ќе победуваат,
а јас што не робувам на општи правила
дали и мене ме казнува животот
за моето гласно шепотење?
ќе поминат овие долги зими
ќе нема завеси за вљубените...