srijeda, 3. listopada 2018.

снегулка од страсти

Луѓето со пари ќе купат име и презиме 
и углед и лажна почит
додека месечината му прави друштво
на еден залутан патник во времето. 

Врз мене ѕидови се уриваат
и станувам карпа 
од која ветер се одбива. 

Го видов детето кое се огледува во снегот
и прави да помислам дека сум последна снегулка
што се топи од страсти. 

сите светла на светот

Изгасете ги сите светла на светот 
а мојата мала надеж
распоредете ја во ситни капки дожд
нека биде незабележителна. 

Мојата мисла е лавина 
што брзо ќе се смири. 

Сакам игри во кои 
сите сме победници. 

Изгасете ги сите светла на светот
и во мрак 
ќе ги пронајдам 
врелите стапки на залезот. 

не знам

Не знам колку е часот
ниту кој ден е денеска
ни која година 
транзитира во нашите животи
не знам кој го засенува сонцето 
и дали навистина 
душата на номадот 
заспива под отворено небо
не знам дали вреди да се посее доброто 
таму каде не никнува убав збор. 

тргни по мене

Низ портретот на есенскиот лист 
тргни по мене 
кога ќе запалам илјада светла 
во исто толку земји
само со едно чкорче од кибрит. 

Остави малку среќа за утре
има тешки денови што траат како година. 

После сите премрежја 
на крајот од денот 
ќе се покријам со своите чисти емоции
а оние што за мене запалија клада
ќе горат самите во својот оган. 

волја за живот

Видов исплашени птици
и плач на сиромашни деца
во лицето на жената. 

Кога ѕвездите одат на пауза
кога богатите луѓе заспиваат
некој некаде кришум
ја убива волјата за живот.