nedjelja, 31. listopada 2010.

мојата ѕвезда

Падна мојата ѕвезда
кога липите го изгубија
сопствениот мирис
кога во пепелта на летото
гниеше здодевноста
во тие луди времиња
во тие златни години
слушав најубава музика
пишував најтажни песни
под ноктите влечкав
остатоци од непознат свет
затоа што никој не призна
дека јаболкото на чувствата
е премногу убаво
за да биде вистинито
светецу на љубовта
изгасни го факелот во моите соништа
да не успеам да ја најдам
ѕвездата што ме повредува.

subota, 30. listopada 2010.

твоја засекогаш

Ти го избрав најубавото годишно време
ти ја подарив најубавата градина
те засадив, ти расцуте
големото враќање на старата љубов
беше празник за душата
усните ми се озборувачки
облечени во црвено
секоја ноќна светулка
е факел во очите
небото послано со ѕвезди
е луксузен хотел за романтична ноќ
ако заминеш пред да заминам
ќе бидам прва што ќе заплаче
последна што ќе те заборави
ако ги сочувам младоста и гордоста
твоја сум засекогаш.

petak, 29. listopada 2010.

ти и јас

Ти си свет без исток и запад
ти си погрешна диоптрија на сонцето
ти си сон што се остварува
апетит што расте
и амбиција што станува алчност
ти си оган распален од ѕвезди
заради тебе испаруваат сите лоши мисли
ти си нишка од убавина и добрина,
а бог не постои
таму каде што се лошите луѓе
ти си магија и совршенство,
а јас сенка завеана со тага.

utorak, 26. listopada 2010.

историја на љубовта

Ноќта падна врз темниот чадор

што го чуваше сонот на мојот дом

ти ги постела сите ѕвезди на тревата

и газев врз килимот

на твојата светла љубов

од богата жетва на твоите бакнежи

ја полнев душата со бесмртност

седевме покрај пијаното што го немав

и слушавме како времето ѕвони во ушите

затоа што сакаме откако постоиме

се знаеме откако се сретнавме.


subota, 23. listopada 2010.

не ми е судено

Срцето ми чука во петици

а под кожата на овие стихови ме нема

мојата глава е ризница со белешки,

а мојата душа е лоша муза

не ми е судено да прелетам децении

и да се вселам

во градина со златни хризантеми

ме освојува мирисот на септемврискиот ветер

ме плени тој колаж од звуци

молчењето ми е олово

и не ми е судено да споделувам тајни

носам дијадема за обични луѓе

и го барам она мало кутивче со среќа

закопано во бунар близу земјината оска.

petak, 22. listopada 2010.

чувствувам дека доаѓаш

Цел живот заспивам со отворени очи

за да те среќавам во соништата

измислувам љубов

за да не заминеш

од светот на бесмртноста

во црнокоса ноќ

се збогувавме само со погледи

на другата страна од континентот

моето срце биеше за некого

душата ми се претвора во чад

цел живот заспивам со отворени очи,

но овојпат чувствувам дека доаѓаш.

ponedjeljak, 18. listopada 2010.

големо благодарам

Едно големо “благодарам“ за тебе е ништо

во твојот живот отвори нова врата за мене


на вратата црвени панделки


низ нив светлина што заслепува


пукам од среќа, умирам од копнежи


шизнувам од радост

отвораш голема врата за мене

ми ги лекуваш раните на најдобар можен начин

едно големо “благодарам“ за тебе е ништо.

последна солза

Очите се налутија
ја сронија последната солза за тебе
таа се растече по кремастобелата подлога
која со годините ја губи
убавината, свежината, влажноста
очите плачеа за виножито
во солзите имаше капки роса
те предупредив, навикни се
од утре и солзите штрајкуваат.

subota, 16. listopada 2010.

жени

Надворешно убави
внатрешно сиромашни
такви се денешните жени
направени од соништа
тие имаат лажни засолништа
а јас немам никакво
нивните прсти се вкочанети
а моите се како немирни балерини
фигури направени од светлина
што го опиваат просторот
го распрскуваат својот шарм
ги освојуваат туѓите симпатии
а се нарекуваат жени.

srijeda, 13. listopada 2010.

задржи ме

Пред да го спакувам куферот
задржи ме за конец од палтото
за ноктот на малиот прст
задржи ме во твојот свет
со лошо маскирани луѓе
со тајни вредни за озборување
пред да соберам два плус два
заведи ме со твојата незаменлива ведрина
и задржи ме во тој проклет свет
што толку го посакувам.

subota, 9. listopada 2010.

чекор

Водената прашина
му се противи на храбриот чекор
на оној што се движи по црвен тепих
придружуван од познатиот “бумбаров лет“
чекор што нема да го одглумиш
чекор што нема да го поткупиш
со површни ветувања
чекор од никаде за секаде
и ако не те прегази
тој чекор ќе оседи
и ќе биде заменет со две детски насмевки.

ponedjeljak, 4. listopada 2010.

тешка задача

Имам тешка задача
да те заборавам
откако ти ќе ме заборавиш
да ти продадам
илјада и една празна приказна
да ти ја покажам мојата уметност
совршена како цвет на лаванда
да ти се доверам
дека меѓу запците на чешелот
имам малку среќа
само не знам како и кога
ќе ја потрошам
имам тешка задача
и затоа земам здив
пред да ти кажам некој лош збор.

subota, 2. listopada 2010.

води ме

На клоци го шутнав месецот
сега води ме со себе
во скромна палата
во стварно и нестварно
во топли краеви со занесна природа
и пријатни луѓе
ветувам ќе бидам послушна
ќе бидам женствена како секогаш
само води ме некаде
и не биди расипувач на забави
да тргнеме таму каде што одат
најубавите и најдобрите,
а по мене нека се влече
сивиот шал од литературни белешки.