srijeda, 30. ožujka 2011.

си ја уништив душата

Си ја уништив душата
затоа што цел ден
го следев сонцето
и гледав во неговите очи
затоа што полици со поезија
паднаа врз мене
и ме раскостија на ситни парчиња
во различни форми
си ја уништив душата
случајќи погрешни совети
а сега сум човек
со празен споменар
и немирно срце.

petak, 25. ožujka 2011.

важно поглавје

Ти си светост
ти си симбол на долготрајна радост
ти си среќно поглавје
од мојот живот
но сфатив дека половина срце
и пресечено јаболко
не прават целина
ти си желба за подобро утре
што вирее во сечие око
твоја е водата во реката
и дождот во облаците
ти си важно поглавје
од мојот живот
но знам дека половина срце
и пресечен портокал
не прават целина.

nedjelja, 20. ožujka 2011.

мора да е за мене

Гледам мешавина од чаеви
што ја лечат душата
и гевреци што се печат на сонце
и длабок бунар со подароци
и ковчег со златни школки
од нашето езеро што полека умира
ова мора да е за мене
гледам двор со две жални врби
со гранки што се регенерираат
и куќа срасната со зеленило
и добри луѓе што не ги познавам
ова мора да е за мене
те гледам и тебе
ти што седиш на две столици
и носиш две јадри лубеници
но овојпат нема да ти успее
сега ти не си за мене.


ponedjeljak, 14. ožujka 2011.

се би дала

Се би дала
за неколку зборови од срце
за еден длабок утрински сон
на постела од игли
на врвот на една планина
каде дуваат јужни ветрови
каде се гради палата за мене
се би дала
за една кратка случајна средба
за премостување
на оваа временска дистанца
за слика на заљубени луѓе
што згрешиле
ама никогаш не остареле
се би дала
да не ме проколне
лебот што во оган
го изгорев
да не се налутат децата
што низ волшебни стихови
им дадов вештачко цвеќе
наместо играчки со душа.

srijeda, 9. ožujka 2011.

чекори на срна

Со чекори на срна
научив брзо да трчам по тебе
да те стигнам во штури предели
но не и да те задржам
се потрудив
да блескам без накит
да ти бидам симпатична
и внатрешно убава
па да се закитам со доблести
со чекори на срна
решив да се прикрадувам
во твојот таинствен универзум
да глумам дека заборавам
кога нема добра за паметење
а кога не сакам
и кога не мислам
тогаш и ветер може да ме однесе.