srijeda, 31. ožujka 2010.

бел лебед

Од другата страна на телефонот
го слушам сопствениот пулс
тоа е хаотична песна
огледало на денешницата
што ќе се распрска
ќе ме повреди,
а враќање ќе нема
половичната среќа за мене е несреќа
ќе се корегирам во наредниот живот
да бидам човек одбивам
ќе бидам гласник на љубовта
по првото премрежје
ќе се разбудам како бел лебед
со душа на космополит.

utorak, 30. ožujka 2010.

не прашувај ме

Не прашувај ме за мислење
јас не мислам
јас само пишувам
велам дека срцето е часовник што старее
дека поетите се заљубуваат во убавите форми,
а психата е двигател на се
јас сведочам за себе
за други не прашувај ме
седам сама под ведро небо
и си мислам каде тргнале
овие стапала од ванилин шеќер
во моите напивки
има прашалници и венечни ливчиња
јас бегам од случајности
и барам стабилност,
а ти и после десет години
толкувај ги овие возрасни песни за деца.

subota, 27. ožujka 2010.

те нареков

Те нареков див ветар
и те пуштив да си играш
со моето перче
те нареков шумска јагода
и сакав да го вкусам
твоето црвенило
те нареков бел нарциз
и те оставив да се вљубиш
во самиот себе
но ти стана провалник во моите соништа
крадец на моите желби
и човек што ќе го следам
до крајот на светот.

зборови и дела

Лошиот збор е патоказ
лошата постапка е чудовиште
еден пропуст е премалку
три грешки се еднакви на разделба
само собирам и правам баланс
кога те нема
те замислувам како што ми одговара
така е најубаво
ама разочарувањето е поголемо
тешко е кога сам си отежнуваш
ако ти недостигам
кажи му на воздухот
зборови и дела ставам на иста вага
нека бидат ветер и магла
нека бидат минато
и проклети нека се сите што ме растажиле.

харизма

Ти подавам парче од мојот колач
наречен “харизма“
јас не сум себичен човек
јас сум претпазливо суштество
не луѓето им делам насмевки од срце
на кајчињата им лепам стихови
јас не умеам да пливам
само знам да трчам по вода
не можам да победам
но се борам до крај
јас никого не мразам
само се борам сите расположливи средства
ти подавам рака уште еднаш
земи парче од овој колач
наречен “харизма“
проголтај го,
за момент засити се,
а јас и понатаму ќе бидам посебна.

nedjelja, 21. ožujka 2010.

име и прекар

Кога сум без тебе
и парталите и свечените облеки
без проблем можат да ме проголтаат
мислејќи на тебе испарувам
и го ширам својот круг на непријатели
не разликувам бои откако те нема
ние сме поразени луѓе
не измисливме мерна единица за среќа
ти беше мое име,
а јас твој прекар
ќе разбере само тој што доживува.

nedjelja, 14. ožujka 2010.

жива сум

Пет дена не дишам,
а жива сум
ме однесе поплава од погрдни зборови
кавгата со тебе е танц со непријателот
се тешам со ова мало множество
од комплименти и пофалби
моите маслинести очи
лесно детектираат лаги и лицемерие
не можам да се сместам
во кула без врати и прозорци
не можам да се скријам под стаклено ѕвоно
кавгата со тебе е како слаб земјотрес
од кој нема последици
пет дена не дишам,
а жива сум.

petak, 12. ožujka 2010.

чуда

И сувите дрвја некогаш разлистуваат
и во мракот се раѓа божилак
луѓето се зближуваат и оддалечуваат без причина
и чуда се случуваат
мислите ми се магнет
душата ми е чаша полна со вода,
а срцето ми е лулка со спомени
ризница што треба да се збогати
ти си почуден од моите чудесни песни
промените ги сакам
од желбите не скусувам,
а од чудата не се откажувам.

utorak, 2. ožujka 2010.

вечна љубов

Мојот црн бисер се топи во твојот сон
твојот не заспива без мојот
твоето рането сонце
ја открива мојата пролет
твојата не разлистува без мојата
смртта стапнува врз твојот живот
а нишката на вечната љубов
става точка и врз мојот.