subota, 24. ožujka 2012.

време за паметење

Имам желба и сила за нешто повеќе
но го чекам вистинскиот момент
она време без стеги
од под перница извадено
од ѕвезди благословено
во доцна есен купено
а напролет среќно потрошено
имам волја и енергија за нешто повеќе
да го доближам сводот
да ги гушнам сенките
да си сочувам спомени
од едно време за паметење.

utorak, 20. ožujka 2012.

совршен лет

Јас сум птица со гнездо на југ
кога пријателите ќе ме остават
нема да го скршиш мојот беспрекорен лет
кога очите ќе ми ги врзеш
ќе си го познам својот пат
ако со камен фрлиш по мене
оган ќе бидам
без двоумење ќе те изгорам
јас сум птица со совршен лет
не доаѓај со мене
преубаво е.

nedjelja, 18. ožujka 2012.

имела

Успеав да те оставам
во некое минато свршено време
и да не треперам по твоето име
сега ја трошам скапата бела хартија
мастилото се истура
а мислата ми е слободна и вечна
но само дланката што твори
остана мала налик на дете
а во неа гранче имела
за среќа
за секој од нас
за животот што врви.