Во телото на водата
две капки се бунтуваат
за наводен долг кон светлината.
Јас сум во сенката
на свеќата што гори
овде никој не ме познава
овде ниту самата себе си не се познавам.
Свеќата во вода ќе ја изгаснам
водата во пустина ќе ја однесам
во пустината живот ќе се роди
од секој скапоцен збор што ветер го разнесува.
Ги палам ѕвездите
со копчето од компјутерот
ставам коцка
во мозаикот именуван по мојата земја.
Кој за мене ќе купи време
кога ќе го изгубам од невнимание?
Бојата на ноќта
ме враќа во младоста.
Нема поважен момент од сегашниот,
во претходниот живот бев вино,
од чашата ти ѕиркав во совеста
во некој следен живот
избирам да бидам солза на дете.
Со копчето од компјутерот
ги гасам ѕвездите
доволно е светлина
доволно за ден без сонце.