Се би дала
за неколку зборови од срце
за еден длабок утрински сон
на постела од игли
на врвот на една планина
каде дуваат јужни ветрови
каде се гради палата за мене
се би дала
за една кратка случајна средба
за премостување
на оваа временска дистанца
за слика на заљубени луѓе
што згрешиле
ама никогаш не остареле
се би дала
да не ме проколне
лебот што во оган
го изгорев
да не се налутат децата
што низ волшебни стихови
им дадов вештачко цвеќе
наместо играчки со душа.
Nema komentara:
Objavi komentar