ponedjeljak, 17. listopada 2011.

не е тука

Не е тука,далеку е
ќе се врати кога ќе биде доцна
кога околината ќе оседи
кога сите ќе исплетеме ловоров венец
кога нема да се распознаеме
пак ќе биде туѓинец
не е тука,во друга земја е
само спомените одвреме навреме
тивко на прсти се враќаат
за да ги вознемируваат моите сетила.

petak, 14. listopada 2011.

самотија

Откако видов самотија во празните чаши
се топлев во орманот со приказни
низ шарениот прозорец бакнав лавина со снег
ги здружив двете раце
за да испратам необично голем поздрав
откако видов самотија во просторот
меѓу ѕвездите и луѓето
решив да творам до бескрајот и назад...

četvrtak, 13. listopada 2011.

свет во бои

Патував во пеколот и во рајот
си купив црвено мастило
се што напишав беше сиво
се изборив за свет во бои
а моето мастило
само смртта може да го наследи.

ponedjeljak, 10. listopada 2011.

јато со бели птици

Ја изгубив рамнотежата
на душата имав малку катран и гнев
бидејки се растури моето јато од бели птици
бидејки патем ги сретнав
добриот,лошиот и проклетиот
и ги одврзав северните ветрови
ги пуштив да продрат во телото на третиот
тој што го разнесе моето јато со бели птици.

srijeda, 5. listopada 2011.

очите ќе војуваат

Ќе ја тргнам завесата
очите ќе војуваат со темнината
со потешкотии ќе склопам строфа од памук
ќе поставам мостови од копчиња
каде ќе се сретнат спротивставени зборови
ќе пишувам нестварно
ќе си допуштам стихови во низа
радоста и тагата ќе бидат близнаци
но ќе ја тргнам завесата на разденување
бидејќи тогаш и само тогаш
очите ќе војуваат со светлината.