subota, 27. prosinca 2014.

забрането овошје

Вчера те сретнав во сон, 
и се ми раскажа,
дека сум твое зимско цвеќе,
што расте на асфалтот,
ако ме сакаш,
ќе се лутат твоите, 
ако те сакам, 
ќе ме избришат моите, 
останува само да те гледам,
преку решетките  
на мојот еднонасочен ѕид,
ти, ти си прекрасен, 
но си мое забрането овошје.

nedjelja, 7. prosinca 2014.

сама

Направив нешто себично, 
те затворив во кутија,
да бидеш само мој,
еден ден и лисјата, 
што ги газам во паркот, 
ќе кренат востание,
ти ќе ја искршиш кутијата, 
и ќе ми побегнеш,
ќе останам опкружена со море од пријатели,
а сепак сама. 

subota, 6. prosinca 2014.

овој град

Заљуби се во овој град 
што не може да се изоди пеш.
Овој туѓ град 
што ќе биде наш.
Кога ќе остареме, ќе се сретнеме
ќе се сетиме,
дека бевме млади,
ама не бевме мудри. 
Пронајди се себе и мене, 
во овој простран град, 
кога врне се кријам
под неговите чадори. 

četvrtak, 4. prosinca 2014.

добри и лоши мисли

Ќе направам мрежи од моите мисли,
ќе ги фрлам на сите континенти,
ќе ги преведам на сите јазици,
ќе ги полевам како цвеќе во градина,
со нив ќе допрам до тебе,
со нив ќе влезам длабоко во себе,
да се запознаам вистински,
за сите лоши мисли прости ми,
за сите добри мисли благослови ме.

utorak, 2. prosinca 2014.

љубов заспана

Ти си мое ремек дело,
мој жежок костен во дланките,
мој проблем и моја страст, 
причина за постоење 
на секој мој убав збор,
ти си во моето срце,
во мојата жолта куќа
што се вика дом,
ти си моја раскошна младост,
моја љубов заспана.