četvrtak, 26. veljače 2015.

не си ми судбина

Планините чадат
долините спијат
а јас се огледувам во чаша вода
внатре е твојот заборавен лик
и моите очи во кои зреат
плодови од какао
во потсвеста ми ечи тажна песна
не си ми судбина
и нема да бидеш
плачат моите очи
со солзи ги гасам
планините што горат.

nedjelja, 22. veljače 2015.

се плашам

Се плашам дека секој нареден ден
Ќе биде здодевен како недела
Ќе донесе емотивен студ
Или земјотрес од спомени
Ќе паднат маските
Ќе се разобличат лицата
Се плашам дека секој нареден ден
Некој поволен ветар ќе ме однесе
На своите силни раце.

petak, 20. veljače 2015.

товар

Зимата пристига на снежни санки
Влегувам во нова соба
Со стар распоред
Додека другите ништо не знаат
Си забранив да те сакам
И во себе носам товар од планини
Кој не дава да пишувам
Да сонувам како што сакам
Влегувам во нова соба
Со стар распоред
Секој мој збор
Секое цвеќе на масата
Е мој проклет товар.

nedjelja, 8. veljače 2015.

надоаѓаат реките

Надоаѓаат реките 
да ја однесат куќата што не е дом
ме уби со поглед неколку пати 
и пак оживеав 
овој пат нема спас
ќе се удавам 
ќе бидам зелен лист 
што ќе плива на површината 
ќе бара коцки чоколада
ќе кажува убави зборови за луѓето

надоаѓаат реките 
надоѓаат стравови големи колку небото. 

utorak, 3. veljače 2015.

одам

Одам пред времето
Зад мене е денот со скинати чевли
И ноќта со полна месечина во џебот
Одам храбра и бесна
Од камен дијамант ќе направам
Од облак вода ќе истискам
И поток ќе направам
Одам сама и гордо
Без да се свртам назад
Одам, за да сменам нешто
Во својот живот.