nedjelja, 25. travnja 2010.

недоречености

Ти си важна алка во мојата биографија
ако ги смениме улогите
нема да биде пријатно
мене ме мачат
кратки неискажани реченици
а ти дојди со добро смислени изговори
не биди строг
јас и онака живеам по свои правила
кои никому не носат зло
ако задоцниш
ќе се покајам што те сретнав
и се до судниот ден ќе ги чувам
женственоста, грубоста и своите недоречености.

subota, 24. travnja 2010.

мораш да ми веруваш

Јас не сум препишувач
јас сум само добар раскажувач
кој со рими весла низ тишината
зрелоста ми задава болка
гордоста не попушта,
а трудот понекогаш е бесцелен
мораш да ми веруваш
ти велам дека трчам побрзо од другите,
а последна стигнувам на целта
перото се напрега,
а кошницата со инспирација се испразнува
мораш да ми веруваш
сите имаат своја вистина,
а само времето ќе покаже
дека грешките ми се оправдани и издржани.

subota, 17. travnja 2010.

јас и дрворедите

Минувам под едни дрвореди
што ме набљудуваат
со нив водам дијалог
со нив си ја мерам сенката
функционирам со половина срце
и со натпросечен разум
мојата генерација се движи
по патот на дрворедите
дали природата е на наша страна?
дали ќе станеме кутија
со набори и брчки?
ги слушам пораките
што ми се допаѓаат
така ме скроила судбината
душата да ми е безвременска
ги гушкам хартиите со шкртаници
одам по патот со облаците
по патот на дрворедите
со куп соништа
што чекаат остварување.

тоа сум јас

Рамнодушно лице
врзани раце
и стегнато срце
тоа сум јас
минувам по мостот на уметноста
зад мене цутат лалиња
а дома под тепихот
ми се таложат неизбежни животни таги
и големи ситници
тоа сум јас
човек чија желба за патување расте
човек што пет пари не дава
за лажните пријателства и љубови.

nedjelja, 4. travnja 2010.

после ова невреме

После ова невреме
ќе ставам три точки
ќе направам мала пауза
нема да бројам родендени
ќе бидам своја на своето
и ќе ги заборавам луѓето
што не успеав да ги сменам
после ова невреме
ќе и се препуштам на креативноста
ќе ги напишам
најубавите автобиографски песни
ќе бидат како сочни овошки
што долго време созревале
после ова невреме
во чинија ќе го изедам сонцето
слабостите и тремата
ќе ги оставам тука
куферите ќе ги наполнам со среќа
и ќе минам километри
за да ја најдам вистинската шанса
после ова невреме
сите маки ќе бидат лесни како пердуви
сите добронамерници
ќе шетаат во црвено,
а во нивните срца ќе се виори
по едно имагинарно знаменце
симбол на победа и престиж.

četvrtak, 1. travnja 2010.

излез за спас

Ако си странец
јас сум човек од доверба
ако со гнев рушиш ѕидови
мојата благодарност се протега
од земјиното тло
па се до колевката на далечните ѕвезди
ако си измамник
знај дека доблестите ми висат на плафон
и никогаш нема да ги дофатиш
мојата животна приказна
е напишана со лош ракопис
а таму си помал од зрно грашок
додека подаруваш солзи
јас се движам по вертикални ходници
имам лозинки за милион врати
и наоѓам излез за спас.