nedjelja, 27. lipnja 2010.

златници од зајдисонце

Завиткана во чаршаф од тишина
се качувам на лицето на залезот
не давам да заспие
вешто и брзо
му ги корнам трепките
му ја топам бојата
и од неа правам златници
со жештина се брани залезот
но јас не попуштам
му ги крадам очилата и обетките
плаче залезот
но нема да бидам милостива
затоа што сум побогата
за едно искуство
затоа што торбата
ми е полна со златници
а луѓето нека жалат
бидејќи нема да видат
зајдисонце со боја на портокал.

зависност

Ти си слободен и ограничен човек
ти си магнет за лоши мисли
ти што со расипан компас
го бараш вистинскиот правец
во животот
знај дека твојата среќа
зависи од мене
ти што трагаш по радости
а не знаеш дека тие
се само моменти на уживање
и возбудливо душевно патување
ти кажувам дека мојата среќа
зависи од тебе
и како лисја на гранка
како ѕвезди во небесно семејство
како љубов и заљубеност
таква е оваа зависност
што знае да измачува и боли.

petak, 25. lipnja 2010.

траги за иднината

Деновите се санкаат
во сите сезони
иднината трча на потпетици
проблемите тропаат на вратата
а низ прозорците влегува убавина
се придржувам кон заветот за молчење
а темпераментите што ги поседувам
психологијата досега не ги дефинирала
кога ќе се скршат скалите
ќе си најдам богатство
книгите не се тули
но со нив се гради
нешто величествено
сведок сум на сегашноста
со сета сила се вложувам себе си
и оставам траги за иднината.

nedjelja, 13. lipnja 2010.

морам...

Морам солзите
да ги задржам во јато
да бидам храбра
уште овој пат
и уште којзнае колкупати потоа
морам трезвено да размислувам
да дадам се од себе
да си направам штит
од позитивна енергија
морам да се менувам
и да не допуштам
моето да биде туѓа своина
морам добро да проценам
ако иднината
е непредвидлива шаховска игра
јас треба да трчам
во правец на светлината.

subota, 12. lipnja 2010.

знам дека се поминува

Знам дека си ги преспал годините
дека си се опил од нереални очекувања
и дека домашните огледала
не те препознаваат
пишувајќи за лажни херои
си ги деформирам рацете
но знам дека се поминува
нашите вистини
никогаш нема да се совпаднат
а твоите оправдувања
се како нестабилни хартиени бродчиња
ако се одречам од љубов
ќе имам тага
ако не заслужам почит
ќе се задоволам со сожалување
а малите разочарувања
се како балони
што ќе ги фрлам во оган
но знам дека се поминува.

subota, 5. lipnja 2010.

исплачи се

Исплачи се
тебе ќе ти биде полесно
а јас ќе имам
со што да ги полевам цвеќињата
покажи ја својата слабост
во мојата мала соба
распостелај ја твојата завеса од солзи
претворена сум во уво
ќе те ислушам
и нема да ти дадам совети
од кои можеш да полудиш
исплачи се
ќе ти биде полесно
а луѓето од црниот континент
ќе се радуваат
затоа што одамна не виделе дожд.

кревкост

Кревка сум како полско глуварче
прегазено ми е јадрото
затоа луѓето тешко се справуваат
со мојата гордост
ќе се мачам
се додека другите не ги здоболи
ме води внатрешната интуиција
попрецизна од куршум
ќе заспивам под едно небо
поубаво од овдешново
затоа што знам каде да пресечам
се плашам
дека оваа кула од карти
ќе се сруши со еден погрешен потег
кревка сум како пролетно кокиче
послаба од сите темјанушки заедно.

četvrtak, 3. lipnja 2010.

бедуини

Коренот се откажа од стеблото
сенката се одвои од телото
убавите луѓе беа несреќни
а лошите беа бедуини
завеани во пустина
бидна што не било
ти подарив зимски сон
не си ти на корицата
ти си на маргините
на овој животен роман
што ќе се полни со убави детали
ти си отуѓен дел од минатото
било па поминало
било ко да не било
и го замолив небото
да те казни
заради твоите пакосни желби
а ти потона во жив песок
како бедуините од Далечниот Исток.