nedjelja, 23. siječnja 2011.

сега кога ме нема

Сега кога ме нема

телото одмара

душата патува

другите ме сожалуваат

ама никој вистински не жали

затоа што со мисла

запалив прашума

затоа што со поглед

скршив туѓи огледала

затоа што со стегнато срце

живеев површно

сега кога ме нема

сигурно злобните ме озборуваат

и од зад грб

ги набљудуваат моите дела

сега кога ме нема

и смртта е некако полесна

а само инсектите останаа

со пусти надежи и со верба

дека единката случајно

може светот да го освои.

subota, 22. siječnja 2011.

го студирав животот

Го студирав животот

во гимназијата на мојата младост

еден глас ме довикуваше во ноќта

некоја светилка го затвораше кругот

на моите илузии

и таму каде заврши албумот на светот

се отвори мојот сон

со моите зборови

ја правев златната труба на вистината

и повторно го студирав животот

во гимназијата на мојата младост.

petak, 21. siječnja 2011.

oва е место

Ова е место

каде се вежба дисциплина

каде се учи

тешка љубовна лекција

каде се импровизира пријателство

ова е место

каде се живее брзо

каде времето не прави паузи

каде се може да се купи

по нарачка

ова е мое место

моја снежна градина

врв по кој се искачуваат

само луѓето што ме сакаат

и оттаму ми пуштаат

конфети со среќа

место каде јас

со последни сили

ги туркам малите несреќи

и ти го давам

последното свое срце.

srijeda, 19. siječnja 2011.

балада

На карпа лежи балада

добро срочена

напишана со една рака

создадена од срце,

но дали ти е доволна?

на мирна карпа спие баладата

за една бодликава љубов

за убавото име на поетесата

за ленениот фустан

што живее преку лето

на дланката имам таква балада

со грст емоции

и со неизвесен крај

но дали ти е доволна?

ако не ти е

земи ме и мене.

utorak, 18. siječnja 2011.

не допирај ме

Не допирај ме

ќе ме снема

ќе бидам виножито

ќе станам лажна жена

ќе се растопам

како желе

не допирај ме

ќе бидам неука и чудна

ќе личам на евергрин

закачен на гранка

ќе решавам равенки

на табла од камења

не допирај ме

јас и онака

сум едно големо “ништо“.

subota, 8. siječnja 2011.

сакај ме

Кога блескам во бела облека

кога се плашам да бидам среќна

или кога цврсто стојам на нозе

сакај ме без приговори и без обѕири

кога фобиите ќе ги погребам в шума

кога со зборовите ќе си играм

како што ќе ми текне

кога луѓето ќе ги манипулирам по заслуга

и тогаш бескрајно сакај ме

во денешно време

треба да си дијамантска обетка

за да висиш на некое убаво уво

а јас не се загледувам во туѓи примери

поинаку потковани

и кога ќе направам погрешен избор

сакај ме без обѕири и без приговори.

četvrtak, 6. siječnja 2011.

една и единствена

Како извор навираш во мене

и те мерам во точката на твојата

широчина, височина, длабочина

возот на животот запре

и врз неговото тело те насликав

како бела невеста со румени образи

ти си ѕвезда што не згаснала

и додека бдееш над мојот сон

така бескрајна, забранета и вечна

една и единствена

засекогаш љубов моја.