utorak, 22. veljače 2011.

бела книга

Ти си бела книга
со триесет лета
знаеш повеќе од мене
а помалку од другите
не биди слеп
и во рајот
луѓето шетаат
со врзани раце
не биди скромен
зборувај од срце
за да те почитувам како бог
ти си бела книга
со корица од црна тантела
не биди смешен
и љубовта умира по многу неверства
не биди дете
не давај ми
погрешни слики и впечатоци
ти си бела книга
со триесет зими.

ponedjeljak, 21. veljače 2011.

по навика

По навика ја веднам главата
со мрзлив поглед те анализирам
за да најдам знаци на каење
бидејки во некои поубави времиња
те сакав премногу
од земјата до небото и назад
и малку повеќе
по навика ја кревам главата високо
со мртов поглед те набљудувам
ги тестирам твоите постапки
мерам и премерувам
а оправдување не наоѓам
по навика
ти ја деградирам самобендисаноста
ако не се предадеш сега
те чекам во некој иден живот
со емоции да се пресметаме.

nedjelja, 20. veljače 2011.

стрелец

Со питоми птици

ќе полета стрелецот

кон украсени ѕидови

кон високи дострели

ќе порасне

ќе стане голем човек

ќе постапува вистински

во вистинско време

со бели птици

ќе полета стрелецот

и нема да денгуби

нема да чита хороскопи

нема да слетува

на пусти острови

само надеж и лилјани

ќе разнесува

за луѓе заборавени

за суштества осамени

за оние што некогаш

биле сакани.

utorak, 15. veljače 2011.

луд ритам

Од блиски пријатели
позајмив седум животи
преминав во друга димензија
влегов во твојата сакана куќа
главата ја потпрев на колена
и го слушав лудиот ритам
на сопственото срце
што не е големо
ниту пак е мало
на истото она срце
што некогаш те сакаше
ги слушам и наредбите и желбите
на ова очајно срце
и се восхитувам
на неговиот луд ритам.

nedjelja, 13. veljače 2011.

стравови

Се плашам
дека чашата и чинијата
ќе ги снема од масата
и дека виљушката ќе остане сама
се плашам
дека ножот под креветот
нема да убие
ама ќе рани некого
се плашам
дека во блиска иднина
ќе ти недостигам
како суштество
опседнато од стравови
дека ќе се удавам
во езерце со златни рипки
затоа што само таму
можам да воскреснам.

ponedjeljak, 7. veljače 2011.

манипулација

Манипулација,

тоа е кога бисерот ќе стане железо

кога изгубениот ќе се пронајде

а свесниот ќе се заборави

манипулација,

тоа е лицемерие

примамливо како најпосакуваните жени

како елегантен скок

во уметничко лизгање

манипулација,

тоа е кога добрите

ги пресретнуваш

со отровни зборови

кога скапоцените руни

ги фрлаш на стар тепих

и кога самовилски сон

ќе доловиш среде топло лето.

subota, 5. veljače 2011.

ако ти речам

Ако ти речам да ме оставиш
нека се случи веднаш
ако побарам да ме заборавиш
нека биде по извесно време
ако посакам да бидеш верен
не крши ги твоите бедни правила
ако ти речам
дека сум мала, млада и незрела
остави контрастите да се одвојат
препиши ми несторени гревови
и наречи ме со погрдни зборови
ако ти речам
однадвор да ги затвориш
сите можни врати и порти
биди послушен
само сува и бескорисна пепел
нека остане
од овие мали симпатии
што ги раѓаат големите љубови.

petak, 4. veljače 2011.

немој да ми простуваш

Немој да ми простуваш
затоа што те гледам
преку мрежа од цветови
преку овој прозорец
ишаран од мраз.
Немој да ми простуваш
затоа што младоста
со сласт ја изедов
како зрела лубеница.
Во вистинско време
ти дојдов ненајавена
се потпишав со лажно име
ти продадов мувлосани приказни
а сепак бев добредојдена.
Немој да ми простуваш
затоа што со магија
прочитаните книги
во банкноти ги претворив
и заминав
таму каде булките
сами букети прават.