četvrtak, 30. lipnja 2011.

се повлеков

Се повлеков
во внатрешноста на една очајна школка
ако порано не ти верував
сега не те познавам
бидејќи ме предаде
бидејќи те сместив меѓу отровните контакти
а ти го потопи најубавиот брод
за кој долго сонував
се повлеков
во прегратката на една очајна школка
што случајно ја сретнав на песочните плажи.

utorak, 28. lipnja 2011.

со книга закопај ме

Со книга закопај ме
да вревам во подземјето
мислејки на саканите
да ги протерувам лошите духови
што не бегаат од темјан
јас сум доброто
што нема да го поразиш
ни по илјада битки
ниту по сто војни
со книга закопај ме
и ќе заечи песна
од утробата на црвената земја.

utorak, 21. lipnja 2011.

го испив твоето вино

Своја сум, а сепак личам на тебе
бидејки го испив твоето вино
и оттогаш облакот од солзи
е моја мека перница
ја понесов твојата тежина
ги копирав твоите грешки
ги носев алиштата што не ми прилегаат
го испив твоето вино
за да бидам ти,
за да дознам што сакаш и што мислиш.

nedjelja, 19. lipnja 2011.

не си сам

Не си сам
ги имаш добрите луѓе
со тебе се овие уплашени зеници
и рацеве големи колку лист од орев
и енергијата што се извива како виножито
не си сам
сами се оние што доцнат секогаш и секаде
оние што глумат
во куклен театар без црвени завеси.

četvrtak, 16. lipnja 2011.

букет за сите

Не чепкај го букетот
вазната ќе се расплаче
градината ќе се натажи
не чепкај го цвеќето
ќе го посветам
на сите што заминале и доаѓаат
во овој краток земски живот
на сите што ги оставив
и што ме напуштиле
не кини го цвеќето
тоа е букет за сите нас.

двојници

Копчињата се фрлени на подот
ноќта страстно се соблекува
самодовербата мина низ големите порти
денеска за првпат видов јаболко
што успеало самото себе да се изеде
те сретнав и тебе во поинакво издание
а ноќта во софата примила погрешен љубовник
затоа што сите ние сме нечии двојници.

utorak, 14. lipnja 2011.

халуцинација

Скитникот се покрил со дожд
и замислил дека има дом
жолтиот лист се исплашил
од кафеавата смрт
и посакал да се скраси во хербариум
сиромашниот се помолил за богата трпеза
осаменикот побарал љубов
а јас на провев стоев
и сенките ги крстив со твоето име
ме удри намерно
за другите да се насмеат
сега ни болка не чувствувам
а по тебе се е халуцинација.

nedjelja, 12. lipnja 2011.

тебе ти е лесно

Ме ставиле во аквариум
да им се додворувам на малите риби
а големите да шетаат наоколу
ме заклучиле во соба со пралини
да го пробам слаткиот вкус на животот
а тебе ти е лесно
на твоја страна се ѕвездите,
и вселената и луѓето
и среќата за тебе работи
а кога имаш се
со еден чекор
можеш да ме заборавиш.