subota, 28. ožujka 2015.

умира раката што те опишува

Ти ги носам најубавите јадења
те китам со најубавите зборови
и светам како ѕвезда
кога го изговарам твоето име
за другите сум нестабилна
како времето
за тебе сум цврста како столб,
а секогаш кога ме разочаруваш
умира раката што те опишува.

četvrtak, 26. ožujka 2015.

простор во вечноста

Побарав простор во вечноста
ја оставив мислата на јавни места
читачот ќе ме пронајде
времето ќе ме процени
а дотогаш ќе го одам
својот тежок пат
својот вечен пат
ќе барам простор во вечноста
мое место со мирис на пролет.

ponedjeljak, 23. ožujka 2015.

ќе купам време

Ако ми паднеш од небо
не би те ценела
ќе те купам во антикварница
ќе те сместам меѓу најубавите книги
ќе те трошам во празнични денови
ќе те најдам во антикварница
време што трчаш 
во срцето на часовникот.

nedjelja, 22. ožujka 2015.

ги веднам очите

Ги веднам очите
за да слушнам што зборуваш
дали е тоа јазикот на љубовта
онаа љубов што веќе не ме менува
оној отров што не ме убива
оној спокој што не ме поседува
ги веднам очите
само пред тебе
кога самата си ја поразувам
душата без причина.

subota, 14. ožujka 2015.

слободна

Ќе побегнам од вашите правила,
ќе дадам одговор на сите прашања,
ќе ви ги украдам и последните железни пари,
за да ви докажам дека сте сиромашни и празни,
ќе дојдам со тебе во твојот егзотичен свет,
ќе бидам слободна,
како ветер што шета на планина,
како мисла на креативец,
како лето што одмара меѓу палмите. 

četvrtak, 12. ožujka 2015.

роб на своите мани

Ќе го изедам злото
како десерт со јагоди и шлаг
ќе молчам пред другите
ќе замижам пред хороскопот
ќе го искинам вечниот календар
за да не биде вечен
ќе живеам по свое
ќе бидам роб на своите мани
мани големи како малите луѓе.

četvrtak, 5. ožujka 2015.

кога бев дете

Последен пат кога бев дете
се разбудив заедно со пролетта,
во туѓа земја си ги заборавив
чевлите и панделките,
и одтогаш сонувам 
да се вратам назад,
да најдам нови лица,
добри луѓе,
и предизвици што вредат.

ponedjeljak, 2. ožujka 2015.

имам причина

Имам причина 
да сакам безусловно, 
а да ме мразат скромно
во дел од секунда,
да праќам насмевки за добро утро, 
да добивам клетви за добра ноќ,
да подарувам време 
на пријатели, познаници, добронамерници 
со лоша намера
имам мотив  
да пишувам за себе, 
да читаат другите, 
а никој да не ја разбере 
длабочината на мојата душа,
каде наместо непријателски секири 
се вкрстуваат старомодни пенкала
и по моја наредба творат,
имам  причина
за уште малку поезија
за многу стихови.