ponedjeljak, 30. kolovoza 2010.

ситничар

Не биди ситничар
не залажувај ме со дребулии
дај ми ја вечноста
да си играм со неа
како со кугла
не биди ситничар
одречи се од флертување
и ќе ти бидам послушна рајска птица
или разгалено девојче без инспирација
за оваа љубов не биди ситничар
таквите времето ги осудува
без суд и сведоци.

nedjelja, 29. kolovoza 2010.

се што сакам

Со мокри раце везам елегии
за слепи луѓе
за суштества што никого
и ништо не почитуваат,
а сакам истовремено
да сум поет и писател
да уживам во општопосакуваната
златна средина
и овие две раце
да се мерат со десет,
а се што сакам
наопаку излегува
ми остануваат ниви без посеви
и осакатени славеи
во крошните на дрвјата
се што сакам
излегува наопаку
така е со сите обични смртници.

subota, 28. kolovoza 2010.

доверба

Ако ти кажам
дека сакам да оставам
полици со злато што вреди
само тогаш верувај ми
ако ти кажам
дека сакам да бидам
постојан гостин во твоето срце
не верувај
тоа место одамна е извалкано
ако ти кажам
дека многу нешта ми фалат
не верувај ми
си имам свој раскош
за кој никогаш не зборувам
заспани потенцијали
приказна за себе
надвор од сите правила и критериуми
бучна река што тече
од исток кон запад
и кога долго и искрено зборував
другите ме научија
дека довербата е грев на 21-от век.

petak, 27. kolovoza 2010.

мој ќе си

Ти си моја награда и казна
моја кутија со спомени
мој чевел со скршена потпетица
харфа си со скинати жици
другите потајно знаат
дека мој ќе си
и по сто години
дојди да ги делиме
скромните пари, кариерата
и овој поток со солзи
да делиме се додека не поделиме
ти си како новогодишна жижалица
жалам што брзо ќе изгориш
а сигурна сум
дека мој ќе си
и по сто години.

srijeda, 18. kolovoza 2010.

детски очи

Со детски очи
ги погледнав твоите мани
се налутив и навредив
кога ќе се смирам
кога ќе престанам
да бидам злопамтило
сама ќе те побарам
засега мижејќи танцувам по греда,
а на авантурите им нема крај
некој добронамерно ќе го разграба
ова херметички затворено срце
за тебе нема ништо да остане
со детски очи те погледнав,
а љубов не видов
имаше само желба за самодокажување.

utorak, 17. kolovoza 2010.

добра сум

Добра сум
штом брзо зборувам
штом бурно ти пишувам
штом слушам стари хитови
што пукаат од носталгија
добра сум
кога сопки избегнувам
кога не знам што е ѓерѓеф
ама пенкалата
максимално ги мачам и користам
добра сум
делкам зрели овошки за восхит,
а ова е само почеток на почетокот.

nedjelja, 15. kolovoza 2010.

луѓе

Тие што беа сечии
сега се ничии
некогаш среќните за среќа сонуваат
вообразените паѓаат
пониско од замисленото
моите љубови се во песните
а песните изобилуваат
со субјективни пораки
и сите сме луѓе
со различен калибар на вредности
луѓе поголеми и помали.

subota, 14. kolovoza 2010.

скриена

Од лоши луѓе
се криев во вазна
ме пронајде
бев твое свесно откритие
и се беше минато недовршено време
сега сум копнена сирена
само дете ќе ме допре
таму каде што ме бараш
мене одамна ме нема
и не би ме препознал
затоа што сум добро скриена
затоа што имам свои планови
и ѕвездено засолниште.

srijeda, 11. kolovoza 2010.

без тебе

И без тебе сум убава
ама сум мртва природа
и без тебе е добро
ама не е совршено
моето пешачење
сега е марш на строгоста
и секојдневно минувам под исти мостови
ако се срушат врз мене
ке се помешаат настаните и луѓето
и доживувања ќе немам
и тешко е
и навикната сум
ама доста е
и без тебе се потпирам на цели и приоритети
и спонтано ги трасирам своите патеки.

subota, 7. kolovoza 2010.

примирје

Кога ќе завршат сите битки
кога на војната ќе и дојде крајот
кога само вербално
ќе склучиме примирје
и кога ќе сфатиш дека згреши
не барам да ми се вратиш
името ме тера да сонувам
со алишта нагрдени од сонцето
јас сум принцеза
соѕидана во буре со вино
вино што сама не би го испила
јас сум свој човек
а ова е наше примирје.