srijeda, 29. rujna 2010.

тажна химна

Лошата глетка ја тргнав од очите
и ја фрлив во проточна вода
од свиленото рамо вадев проколнати ѕвезди
за копнежи да немам
тажна химна пее моето срце
додека стојам пред врата со прашалници,
а внатре во собата
најгласни се оние што не вредат,
а јас сум единка еднаква на нула
што попусто го сака престолот
тажна химна пее моето срце,
затоа што животот само понекогаш
излегува од колосек
и само одбраните ги носи во бајките,
а јас не спаѓам во тоа среќно множество
родено за уживање
тажна химна пее моето срце,
а никој никаде не слуша.


ponedjeljak, 27. rujna 2010.

прва љубов

Какви деца бевме,
а во какви луѓе израснавме
за се е одговорна првата љубов
таа што не натера
од карпа да излеземе
таа што беше
како вечно атрактивна вртелешка
како наивна офанзива
или како шуплива садистичка мисла
без критериум сакавме,
а семоќни не бевме
и се случи една
и потоа уште една љубов,
а се друго беше индиго хартија.

petak, 24. rujna 2010.

таква сум јас

Доцна во ноќта пишувам
повеќе за себе
помалку за другите,
а во рани зори ја доживувам својата катарза
таква сум јас
јас што внатрешно и надворешно те анализирам
што на гости те канам
и пред нос ти затворам врата,
а сепак сум поправедна од тебе
јас што со персиски килим
би ти побегнала
и не би ти се вратила
таква сум јас
ако не ти се допаѓам
избриши ме од именикот
што го чуваш во својата свест и подсвест.

utorak, 21. rujna 2010.

твојата тага

Ќе ја вдишам твојата тага
ќе ја испијам со утринско кафе
или со пладневен чај
ќе ја претворам во оружје
и како таква
скапо ќе ја продадам на неуки трговци
ако треба во туѓ двор
ќе ја закопам тагата,
но ќе те спасам
затоа што те сакам,
а не затоа што сум премногу добра.

ponedjeljak, 20. rujna 2010.

пораз

Ја пресоблеков униформата
ташната ја наполнив со конфети
срцето го прелеав со радости,
а те повредив без да те допрам
и ти остана само белегот
на една незауздана суета
што сега сама
со две раце си потпишува пораз.

utorak, 14. rujna 2010.

мразам да се заљубувам

Мразам да се заљубувам
да го населувам со пеперутки
ова минијатурно тело
да фрлам мрежи во аквариум
и ништо да не уловам
да барам сребрена игла во сено
и некој трет да ми ја грабне наградата
мразам да се заљубувам
затоа што знам
дека љубовта умира
во саксиите што ги чуваме по дома.

ponedjeljak, 13. rujna 2010.

близу твоите прсти

Невидлива стојам до тебе
на неколку сантиметри од твоите прсти
но ти го прегрнуваш провевот
на ова разјадено општество
што одамна е фрлено на колена
стојам близу твоите прсти
слободна да направам што ќе посакам
како водата во фонтаните,
а за се е виновен овој слободен стих
за сите ракувања
и љубови што не биле вечни
чекајќи еден мал допир
само со овој молив
стојам близу твоите прсти.

petak, 10. rujna 2010.

кога сакам можам

Кога станувам рано
лицето ми е свежо
ама во главата војуваат проблемите,
а душата ми е како плодот на какаото
кога сакам можам
да шкртнам еден голем плус
за свое добро

го следам темпото на брзите чевли,
а внатрешниот плач ми е синтеза од шумови
на бирото имам повеќе од три,
а помалку од четири децении
што морам разумно да ги потрошам

кога сакам можам
да вметнам дар меѓу подароците
на слепо да ја копирам
Халеевата комета што нема да ја видам
и туѓите очи ќе се рашират од восхит
“кога сакам можам“
е мотото што ме оплеменува и крепи.

utorak, 7. rujna 2010.

сон во чаша

Во чаша е сонот
што треба да го испиеш
сонот за убавите жени
со арома на дожд
за нивните нежни раце
и празни глави украсени со бујна коса
денеска те видов
по долги години отсутност
те препознав
ти беше
ама не си веќе мој
во чаша е сонот
што треба да го испиеш,
а потоа ќе се случи чудо
заљубеноста и лудоста
ќе ти донесат
тага што не се опишува.