nedjelja, 28. veljače 2010.

тајна

Сонцето го палеше денот
а денот гореше во прегратката на зрелото жито
жедтта умираше и воскреснуваше
на моите усни
една земјена грутка
дишеше во мојата растреперена рака
и тогаш под шапката на летото заклучив тајна
а клучот го фрлив под твоите нозе.

право

Потрагата на моето око заврши,
имам ли право да се вратам?
душата ми ја ставија во кафез,
имам ли право на слобода?
од јунските ноќи носам бардаци со топлина,
имам ли право да ги задржам?
во твоето срце посадив љубов,
имам ли право сега да ја барам?

subota, 27. veljače 2010.

дали

Дали ме толкуваш правилно
знаеш ли што сакам
постои ли тоа што го барам
дали ти личам на сноп светлина
дали сум фенер што не згаснува
не ми е здодевно да чекам
но чекањето убива
дали и ти очекуваш некого
или пак се разминавме во оваа глува доба?

пораки

Летечки балони на небото оформуваат триаголник
им ја предавам својата гордост
во ѕвездена кочија ќе стигнат
пораките што ти ги упатив
напишани се со кинеско писмо
само ти ќе ги разбереш
ама и нив ќе ги разнесе огномет
за време на некоја парада
но не е важно
истите ќе ги видиш со шарен наслов
во некој излог
еден ќе ги продава
друг ќе ги купува
трет ќе се чуди
но тоа ќе бидат нашите беспрекорни пораки.

ти и јас живот сме

Ти и јас живот сме
животот е пуста улица
што треба да се обликува
цвеќе сум што ужива
во сопствената кревкост
сидро си закотвено
на дното на еден измислен океан
ти и јас сме дел од љубовен мит
зборуваме со самите себе
живот сме
а животот минува
со брзина на светлина.

petak, 26. veljače 2010.

уметник

Си бил еден уметник
живеел од воздух и љубов
мирисал на стари книги
бил човек соѕвездие
од стерилни зборови
правел незаборавни приказни
си бил еден уметник
се чувствувал како суво цвеќе
во порцеланска вазна
пропатувал мориња и океани
а се удавил во капка вода
и што потоа?
за него долго се зборувало
а тој немал време да размисли
колку е краток животот.

četvrtak, 25. veljače 2010.

уникатни подароци

Надвор сите се среќни
а јас си уживам во својата отсутност
ги трошам последните резерви
од убавите соништа
што ми ги испраќаш по пошта
дневната светлина е непоканет гостин
таа си игра со ролетните
додека виножитата врзуваат панделки
над мојот дом
ми праќаш вера, надеж, љубов
грст бакнежи и прегратки
се што ќе посакам
добивам во изобилство
јас сум пресреќно суштество
јас сум девојка
што ќе ги памети твоите уникатни подароци.

ponedjeljak, 22. veljače 2010.

јас и мојата сенка

Се провираме во судбината на ткаенините
крцкањето на вратата ни го отвора денот
со чевлите ги туркаме златните парички на есента
ги игнорираме меурчињата на немирот
растурени во воздухот
крцкањето на вратата го затвора денот
тивкиот сон ме очекува на перница
а мојата сенка умира во пепелникот.

скриена дарба

Знам дека не ме бидува за ништо
дека сум антиталент
за пеење и пишување
знам дека од моето врескање
ѕидовите сакаат да побегнат
во соседниот град
или барем во соседниот двор
творештвото ми е дрво без корен
на другите не знам да им ласкам
а најпознатиот волшебен збор
скоро и да не го употребувам
јас сум немирна вода
јас сум спонтан човек
и штом ќе помислиш дека сум неспособна
со добра волја
каменот на Сизиф
ќе го турнам на удолница
изнанадувам кога најмалку очекуваш
тоа е скриената дарба
што ја наследив од самата себе.

nedjelja, 21. veljače 2010.

писмото на десетте прсти

Имам само десeт прсти
и едно писмо што отстојува
во фијоката на мојот живот
затоа што немам црвена љубов во розов свет
ниту зелена надеж во сивото секојдневие
ниту бела светлина
што ќе ме донесе до тебе
немам патека од каде да тргнам
ниту место каде ќе стигнам
имам само десет прсти
и едно писмо
на кое му се навраќам по којзнае кој пат
за да го пишувам , допишувам и препишувам
за тебе и само за тебе.

две стрели

Две стрели
два вкрстени погледа
знаев дека тоа се вика хемија
магија на парче стакло
чудесни очи и моите солзи
сакам со зборови да те однесам до небото
сакам да бидам мала грда мушичка
што кришум ќе долета во твојата соба
две стрели, два погледа, една љубов
работи што добро ги познавам.