nedjelja, 26. prosinca 2010.

добронамерна

Ме мачи главоболка

ми тежат промашувања

се плашам дека ќе бидам добра

но не и најдобра

треперам од помислата

дека слатките маки

нема да ме донесат

до никаков пиедестал

се срамам од комплименти

и лажни ветувања,

а само дождот

ми компонира приспивна песна

затоа што сум добронамерна

затоа што имам

две прозрачни сонца во душата

и така ќе биде

се додека духот не ми остари.

četvrtak, 23. prosinca 2010.

јас сум ...

Не слушам никого

не се замислувам залудно

не сум центар на светот

не сум пеперутка во замрзнат град

не сум меч фрлен во пустина

не сум човек

јас сум солза

јас сум тивка вода

што го рони брегот.

nedjelja, 19. prosinca 2010.

за да бидеме еднакви

За да бидеме еднакви
треба со очај да те погледнам
да бидам студено стакло
да живеам со полна пареа
да не сакам никого
а сакана да бидам
за да бидеме еднакви
треба да се прегрнувам
со непријатели
да се дружам
со предавници
да градам мостови
со погрешни луѓе
за да бидеме еднакви
треба кратко да живееме
како сите нормални луѓе
како нешто што расте
се обликува
созрева
се труди
дава се од себе
и на крај исчезнува.

utorak, 14. prosinca 2010.

предизвик

Нова година
како нов предизвик
како проста реченица
како мапа сиромашна со знаци
како игра со голем влог
а мала добивка
денес е рано
а утре ќе биде доцна
за да ти кажам што мислам
нов ден како најнов подарок
а во него луѓе
што треба и мора да ги сретнам
за да ставам потпис и печат
на одлука што далеку ќе ме однесе
на нова дестинација
до посакуваниот предизвик
што само мене ме чека.

nedjelja, 12. prosinca 2010.

сеќавања

Светот ќе биде мој дом

ќе полетам кон небото

ќе бидам блиску до ѕвездите

во сите џебови

ќе имам детелинки со четири листа

ќе ми фалиш,

но ќе бидам среќна

заради своите амбиции

ќе го паметиш

моето памучно чекорење

затоа што отсега па натаму

остануваат само сеќавања.

ponedjeljak, 6. prosinca 2010.

удирање

Те послужувам
со салата од препечено сонце
ми удираш шлаканица
по инверзија ти носам свежо цвеќе
ми велиш доста е од нежности
ти давам камен за кремирање
ми ја виткаш раката
за мое добро
за да не бидам патетична
на грешки ти посочувам
а мислиш луда сум
и не ме погодува
тоа што не ја почитуваш
моќта на творештвото
но не знам зошто
ветерот прво удира
по најслабите и незаштитени стебла
а од индиректни и дискретни удари
трпи само разумот
што сака да биде слободен.

nedjelja, 5. prosinca 2010.

да ги смениме улогите

Да ги смениме улогите

ти да стоиш на кршлив

а јас на стабилен брег

ти да бидеш жеден кактус

а јас капка вода што недостига

ти да ми бидеш доверлив и предан

а јас стопати да те измамам

ти да молчиш

јас сама со себе да зборувам

да ги смениме улогите

па нека има од се по нешто

за мене авантура и удобност,

а за тебе непријатност

да се биде во туѓа кожа

и да се заземе туѓо место.

subota, 4. prosinca 2010.

непознати лица

Непознати и невидливи лица

дишат во мојата соба

ми ги кршат палците

ми го крадат ефтиниот накит

од моите песни на хартија

прават авиони

ги посакуваат моите амајлии,

талент и душевен спокој

сите непознати и невидливи лица

вечерва нека одат по ѓаволите.

petak, 3. prosinca 2010.

ти пишувам

Со млаки зборови ти пишувам

развивам приказна за внуци

и генерации што следат,

а околу моето вредно перо

се мотаат кадриците на дрските жени

ти пишувам од срце

одговорна како секогаш

пишувам за да не ми биде здодевно

за да ја исцедам душата како сунѓер

за да не ме заборавиш

ти пишувам свесно и посветено,

а денот е мал

за да можам наеднаш да кажам се.

srijeda, 1. prosinca 2010.

запри се

Плоден е периодов
рацеве ги има насекаде
гласот се развива
за песна со силен вресок
затоа запри се
не кради ги моите брошеви
ако твојата мудрост не вреди
ако твојата психологија
не носи резултати
запри се
послушај како шуми
моето мирно море
како засебен и недопрен свет
како вечен еликсир
запри се
пред да ти го затнам
дотурот на среќа
и да го истурам твојот омилен,
но горчлив пијалок.