nedjelja, 28. studenoga 2010.

бaталјон реченици

Со магливи букви
наредив цел баталјон реченици
на фронт те испратив
хиерархија измислив
на врвот те поставив
ја смирив топката
ги решив тешките задачи
едно добив
друго изгубив,
ама не потфрлив
сакав заедно да старееме
и ти составив баталјон реченици
во чест на твојата вечна душевна убавина.

srijeda, 24. studenoga 2010.

не е лесно

Не е лесно
со полумртва дланка
од провалија да излезам
да се растрчам
по дворот на баба ми
и под скршени керамиди
да барам клучеви
за отклучување на заробена среќа
не е лесно
да скинам сто чифта чевли
додека да те запознаам
и по туѓа вина
многу брзо да те изгубам
не е лесно
да бидам човек со енергија
од школка да се инспирирам
до бесконечност да пишувам
да станам уметник во фиока
а сепак да не те изумам.

ponedjeljak, 22. studenoga 2010.

Петар Пан

Долетај како Петар Пан
ќе те видам само јас
ќе ти кажам
дека за тебе не најдов замена
дека грдо пишувам
дека ги среќавам
твоите сенилни жени
дека млекото што го пијам
мириса на свежи јагоди
дека другите ми завидуваат
дека сите ги бараат
материјалните добра,
а мене ми треба разговор
затоа долетај како Петар Пан,
на зборното место
ќе те видам само јас.





petak, 19. studenoga 2010.

мое и твое

Сe е заедничко

а ништо не делиме

имаме само вертикален круг

а во него жена по име полноќ

девојка со фигура на виолина

и џубокс со половични песни

ќе те фатам за рака

и ќе те одведам во тунел

каде никогаш никој не бил

или ќе те хипнотизирам со својата убавина

или духовите ќе го населат твоето тело

ќе заспивам на твоето рамо

ќе те обликувам како глина

и заеднички ќе направиме синтеза

од сe што е мое и твое.

ponedjeljak, 15. studenoga 2010.

дете

Во добата на зелените тинејџери

јас бев возрасно дете

животот беше тркало

напредокот беше летало

чекор составен од мали чекорчиња

ноќта не се одвојуваше од својата пелерина,

а јас на проблемите им удирав шлаканици

и во касичка штедев пари

за да си купам убави работи

љубовта се трошеше како училишна креда,

а потоа остануваа само валкани раце

и не можевме сите да имаме се

другите пораснаа,

а јас останав дете

и си купив време за бавно поправање на грешки.

petak, 12. studenoga 2010.

ми рекоа

Ми рекоа патот е долг
ми рекоа добро е да се лаже
го живеев својот сон
и никој веќе не ме поздравуваше
не најдов лек за мене
и за луѓето што ги повредив
им реков моите реченици се моја биографија
копајте во нивните корења
и таму ќе ме најдете
ми рекоа драгоцените песни
ќе ми ги изгорат во каминот
и од чадот ќе ми направат
црно - бел портрет
рекоа сешто
и с
è стана прашина во ветер.

četvrtak, 11. studenoga 2010.

сказалка

Мораме да поминеме низ иста порта

да се бркаме по исти скали

со цветен сапун да ги измиеме

туѓите невистини

бидејќи јас сум твоја сказалка

твоја поубава половина

што приквечер во камен влегува

и се искрадува со плетенка од комплименти

ти си мој пријател

а јас сум мала сказалка

што петок и петок спојува.

srijeda, 10. studenoga 2010.

оправдување

Со чкорче од кибрит и милиметар хартија
предизвика пожар
сега ги пребарувам деталите
за да ти најдам оправдување
во мене гнијат стрелани лисја
синоним за една есен
што нема да заврши
имавме два пара чевли
сакавме да освојуваме пространства
а сега сме само боси минувачи
и затоа ги мерам твоите грешки
за да најдам оправдување
што не личи на проколнат остров.




utorak, 9. studenoga 2010.

ponedjeljak, 8. studenoga 2010.

среќа

Над нашите глави

среќата лета со проѕирни крилја

сe што нема да грабнеме

останува за некои други луѓе

минатото не го чувствуваме

срцата ни се во форма на јаболко

ѕиркаме во ѕидните часовници

таму времето се топи како чоколадо

среќата поставува рокови

и бара вложувања

таа лета над нашите глави

сe што нема да допреме

ќе му припаѓа на некој друг.

nedjelja, 7. studenoga 2010.

пепелашка

Ќе се скине јажето
оптегнато меѓу љубовта и омразата
без договор ќе се сретнеме
на истото место, во истото време
ќе ми речеш дека отсекогаш си ме сакал
ќе ме убедуваш дека сме посилни
од сите злобни луѓе
но ти си човек што често и многу греши
а јас и онака сум програмирана
да не простувам лесно
со прст ќе ти ја покажам вратата
магијата ќе згасне на полноќ
Пепелашка ќе си оди
само со картонски чевли
така е во бајките
така е во реалноста.

subota, 6. studenoga 2010.

не буди ме

Не буди ме среде најубавиот сон

среде благиот акцент на твоите очи

среде срцето преморено од силни емоции

не буди ме среде најубавиот сон

во светот на глувите нема музика

во светот на слепите нема светлина

во светот на затворените нема слобода

во светот на студените ја нема љубовта

мојата генерација, време, иднина

не, не буди ме

само запамети

беше еднаш еден убав сон.

petak, 5. studenoga 2010.

модерен месечар

Јас сум модерен месечар

трчам низ долина со коприви

ако видам нешто ново и убаво

мислите ќе ми се растурат

како бисери од ѓердан

те паметам и познавам по смарагдите

што не стареат

ги носиш во твоите очи

не тагувај по мене

сe е во ред и тогаш кога не е

јас сум обичен човек

јас сум модерен месечар.

srijeda, 3. studenoga 2010.

тажна сум

Тажна сум како црна облека

како празен излог

како сиромашен човек

што неможе да си купи внимание

тажна како запустена куќа и стреа

како откорнат зумбул

како песна со тажен крај

како последно патување

тажна ти кажувам довидување

наместо збогум

и така секој ден

тажна тагувам

за едно минато свршено време.

utorak, 2. studenoga 2010.

женска убавина

Десет љубовни заповеди

една кујнска престилка

и мирис на зачини

што го прават животот пикантен,

а животот е ѕид со коси очи и очила

ја гледа само светлината,

но не и женската убавина

засолнета во сенката на мажот.