nedjelja, 21. siječnja 2018.

зимска свадба

Видов невеста во голема коцка мраз
и замрзнати свадбари 
со нашето свето знаме во рацете. 

Снегулките везеа гоблени 
врз телото на околните планини.

Ќе влезам во колибата
во десниот џеб од капутот 
ќе ја најдам зимата 
и ќе ја фрлам во коледарски оган 
да гори како лето. 

во вечните книги

Кога ноќта ќе дојде по своето
и ќе преспие во празната стомна 
не плаши се од оваа вселена од зборови 
што ти ја давам без повод 
за да ја чуваш занавек. 

Во малите места 
луѓето ја убиваат осамата. 

Кога нема да бидам на работа
кога дома ќе ме нема 
не барај ме на погрешно место
моето име е во вечните книги. 


ме пакуваат во читалната

Мене ме пакуваат во читалната 
се правдаат со мојата вистина 
го гледаат светот со моите очи
и сонот ми се претвара во копнеж
а јас имам желба 
да затворам илјада врати од минатото
и да отворам една порта во иднината
мене ме пакуваат во читалната 
и секој мој збор го купуваат 
додека стојам невидлива 
во својата поезија. 



слаба како силен ветер

Слаба сум како силен ветер
мојата удобност е во сеќавањата. 

Облаци во три бои
тежат врз моите очи
кога ти ја враќам назад
љубовта испратена во погрешно време. 

Кога здодевните луѓе 
ќе си одат 
ќе заспијам на постела
од скинати весници. 

Слаба сум како силен ветер
под моите нозе 
згазени цвеќиња
молат за помош. 

завеса од дожд

Влегувам во завеса од дожд 
за да видам една македонска свадба 
да го слушнам тапанот во моето срце
да ја пронајдам есента во мене
да ги сретнам луѓето
што ме прават среќна
влегувам во една завеса од дожд
знаејќи дека една капка 
може да изгаси 
планини запалени од омраза.

твојата куќа

Твојата куќа има душа
и тогаш кога е празна и заклучена
кога си верен на своите спомени
кога внатре вреви убавата поезија
кога ѕвездите на покривот 
ги положуваат шапките
твојата куќа има душа
и тогаш кога во неа сме странци.

неважен

Неважен си
како вистината обесена на закачалката
како искреноста запечатена во плик
како догорено кибритче
што нема да распали топлина среде студ
како лоша новинарска приказна
што се заборава за миг
неважен си, 
а секаде те има. 

трајно те губам

сè е уништено

Го кршам покривот
ги отварам вратите и прозорците
нека ме разбие ветер
нека влезе смртта до последната моја пора
до последната брчка на моето лице
во мене сè е уништено, а во тебе?

бавно стареам

Бавно стареам
бавно за свои години
додека малите деца проодуваат
додека тинејџерите стануваат возрасни
додека палам само две свеќи во црква
бавно стареам
бавно додека сеам букви
врз перницата за лесен сон
бавно во овој живот
со малку шеќер и многу горчина.

за непријателите

Ако ја купат ноќта
ние ќе го украдеме денот. 

Ако ги запалат нашите села
ние ќе им подариме оган што не се гаси. 

Ако бидат неправедни кон нас
ние ќе ги поразиме со нашата вистина
да не знаат што е што
да не знаат кој е кој. 

зло

Едно утро
кога сонцето доби син
кога нашите дела имаа длабоки корења
ѓевреците во продавницата 
муабетеа гласно
ги изедоа лоши луѓе
ги избришаа пораките за мир 
од нашите глави
и засадија немири во нашите дворови,
а во нивните очи висеше зло.

ја убија мојата сенка

Видов како во војна ја убија мојата сенка
во родниот крај
во полето со капини. 

Ја погребаа на ден празник
ги измерија нејзините грешки 
и беше помалку грешна од другите. 

Таков е животот 
разочарување што секојдневно го пиеме
во мали дози.

има денови

Има денови
кога се огледуваме во празни чаши
и далечните земји и улици 
ги ставаме во скицата на нашите чекори
има денови
кога и најмалото дете во маалото
ќе набере желби од старата јаболкница
има денови
кога самотникот на поткровје
со мастилото на ноќта запишува мисли
и ја чека смртта да затропа на врата 
има денови
што треба да бидат избришани 
од датотеките на нашата меморија.

почекај лето

Почекај лето
почекај кај моите сандали од песок и сонце
почекај ќе дојде есента со кочии од дожд
за да отвори пат за зима
за да го вдишам студениот воздух на декември
да дојде куќна слава
еден роденден и една Нова година
почекај лето
не оди си
додека да разбудам змејови
во неговите очи
со мојот поглед во кој спие добрина. 

куршуми на совеста

Кон мене стрелаат
куршумите од твојата непостоечка совест
додека огномет од грмежи
ги вознемирува луѓето на земјата
и небото во височините.

А куршумите од мојата совест
ми велат:
“бегај од погрешниот пат,
не гледај во очите на ѓаволот,
и чекај да се наредат коцките на среќата“.

Куршумите на совеста
вчера ги видов живи
во кората на едно мртво дрво. 

земјата на моите чекори

Ако најлошите од душманите
влезат во нашиот заеднички дом 
ќе ја испијат водата од водопадите
ќе донесат темни облаци
ќе ги грабнат иконите од старите цркви
ќе ги расплачат убавите жени. 

Нека ги остават планините да дишат
со полно срце
нека ги остават големите поети да бидат великани,
а малите поети да си играат со граматика и правопис. 

Ако најлошите меѓу непријателите 
дојдат во земјата на моите чекори,
наеднаш ќе ги украдат детството, младоста и староста. 

стравот домаќин

Стравот само понекогаш е мој домаќин
кога не сакам да бидам јас
кога не можам да смислам лага за двојка
кога немам врати и прозорци 
за да излегувам и влегувам во овој живот
и оваа кожа
само понекогаш стравот е мој домаќин
кога ми сервира трпеза 
со сочни отрови.

време закопано

Еден сосема обичен ден
немав пари во џебот 
ниту часови за денгубење. 

Го најдов времето закопано
на брегот на езерото
со илјада скршени стомни
и сенки што само мене ме посакуваат.

Го најдов времето заспано
меѓу разбоите на моите баби
го земав со мене
се качивме во лифт
и влеговме во 21 век. 



разочаран град

Од различни страни влегувам
во својот град
носејќи креативност во главата.
Долго време ме немаше
и огледалото на ѕидот ме заборави.
Луѓето со моето име исчезнале
реката пресушила,
а децата се капат
во внатрешност на лубеница,
во мојот град населен со духови
во мојот длабоко разочаран град.

сокриј ме

Сокриј ги сабјите,
да не се посрамотиме пред гостите. 

Сокриј го тропското овошје под масата,
во сиромашна земја 
ќе јадеме само грешки и понижување. 

Сокриј ме мене 
затоа што сакам погрешни луѓе
зад малото бакарно ѓезве 
полно со топло кафе
сокриј ме од ова пеколно лето. 


содржина и форма

Видов уште едно македонско дете
до црвената линија на победата. 

Се возев во автобус 
кој попат ја менуваше бојата
минуваше низ сончеви и облачни појаси.

Направив едно срамежливо чекорче
и уште стотина храбри чекори
вратите на успехот сами се отвараа
ме пречекуваа добрите луѓе
чии имиња не ги знам
и не е важна формата 
кога ја имаш содржината.   

подарена плажа

Пливав во водата со мирис на рузмарин
езерото добиваше форма на коцка
некој ја купил плажата само за мене 
да ја носам во мојот град 
што свети во ноќите. 

совршениот маж

Во градот каде живеам 
сретнав еден совршен маж
убав во својата скромност
и немаше бурма на раката
никој не го заробил
никому не ја ветил својата љубов. 

постоиш

Таму каде што се двајца-тројца
таму сум и јас. 
Доаѓам за да ти се поклонам,
да кажам дека често
го повторувам твоето име од десет букви,
да ги отворам твоите цркви
за венчавки и крштевки. 
Таму каде што се двајца-тројца
се придружувам и јас 
да кренам два прста пред светот
и да кажам дека постоиш.

златни облеки

Позајмувам златни облеки од зајдисонцето
за да го оставам без звид
оној што ме нема
затоа што не ме заслужува. 

Свадбарски тапани се слушаат
додека ја чистам долгодишната прашина 
напластена на чешелот.

Кога полноќ 
ќе слезе над нашите куќи 
златните облеки
ги оставам врз главите на сончогледите.

знаме

Таму каде што се црвената и жолтата боја
таму сум и јас
ги носам со себе и во себе. 
Камењата од сите земји
не вредат колку едно македонско зрно песок.
Кога и да ви требам 
следејќи го моето знаме
ќе ми го најдете коренот. 

златни пенкала

Бездушни златни пенкала
излезете од шкафот
и скријте се зад завесата,
влезете во длабокиот бунар
на секоја човечка душа,
а потоа вратете се во моите вредни раце
да напишеме приказна за почит,
бездушни златни пенкала
дајте ми шанса да полнам страници,
да допрам до полиците на библиотеките,
да се приближам до големите пера. 

минута презир

Им дадов години со љубов,
а ми вратија со минута презир. 

Си ја гледам несреќата 
во истуреното кафе
си го живеам животот 
со прашања без одговор. 

Преку прозорец од стакло 
ми ја допираат раката за утеха
и во нивните очи летаат кукавици
добивам само минута презир. 

Самотијата нема врска со професијата
нема врска со поезијата
ќе ги запалам сите лаги од хартија
дајте ми само минута презир. 

живот без клучеви

Ова е живот без клучеви 
нема да влезеш во ничија порта. 
Ќе повикам воини и богови
едните да ме бранат
пред другите ќе кажам молитва. 
Кој ќе купи среќа за мене 
кога ќе немам пари?
Ова е живот без клучеви 
нема да влезеш во ничија душа.